Реткиот метеоролошки фенемен што го предизвика силното невреме на Халкидики веројатно се случува два пати во три години, вели универзитетскиот професор по метеорологија и климатологија Теодорос Каракостас, пренесува „Та неа“.
– Граѓаните најверојатно не виделе слично невреме, освен ако не се нашле претходно во таква ситуација. Но метеоролозите забележале вакви случаи – истакна Каракостас.
Тој посочи дека невремето дошло од регионот на Преспа.
– Оттаму почна нарушувањето во повисоките атмосферски слоеви. Многу студената воздушна маса се движела од север кон југ и се спуштила во Иматија и Пела. Во одредена фаза дошла до Солунскиот Залив, каде што морето е топло и има големо испарување и збогатување на воздушната маса. Така, студената воздушна маса од Преспа ја потиснала топлата воздушна маса, наведувајќи ја да се крене. Невремето потоа дополнително се засилило и движејќи се со голема брзина довело до несаканите последици – објаснува професорот на универзитетот „Аристотел“ во Солун.
Според последните податоци, во невремето на грчкиот полуостров загинаа седум лица, над 20 лица се хоспитализирани, а причинета е и голема материјална штета.