Тоа што најмногу ги интересира меѓународната заедница и, секако, земјите од регионот, по изборот на новиот премиер на Косово, е како Албин Курти ќе се постави во однос на другите внатрешнополитички прашања и, секако, кон отворените прашања со Србија
Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, е избран за премиер на Косово, откако освои убедлива победа на вонредните парламентарни избори, одржани на 14 февруари. Курти повторно ќе ја извршува оваа функција. Стотина дена по првиот избор беше принуден да ја преотстапи на досегашниот премиер Авдулах Хоти, по силното лобирање на САД, за раскинување на малцинската влада во која партиципираа Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово. Победата на Курти на предвремените извори во западните медиуми беше протолкувана како израз на волјата на косовските граѓани за промени во најмладата држава во Европа, која по одвојувањето од Србија беше раководена од бившите структури на распуштената ОВК.
Во обраќањето по изборот, Албин Курти ги објави приоритетите на новата косовска влада, кои се пред сѐ насочени кон развојот на економијата, борбата против невработеноста, борбата против пандемијата на ковид-19 и кон развојот на човековите права, без оглед на нивната припадност. Во однос на надворешната политика, Курти најави јакнење на врските со земјите-сојузнички, пред сѐ со Албанија и со САД, како и јакнење на заложбите за зачленување во НАТО и во Европската Унија.
Курти порача дека неговата влада ќе се залага за добри односи со соседните држави, додека од Србија очекува да се соочи со своите злосторства во Косово и најави дека ќе бара обесштетување за економските, финансиските и другите штети од војната и пред неа.
Тоа што најмногу ги интересираше меѓународната заедница и, секако, земјите од регионот е како Албин Курти ќе се постави во однос на другите внатрешнополитички прашања во Косово и, секако, кон отворените прашања со Србија. За време на првото обраќање на Курти како нов косовски премиер, опозициските пратеници ја напуштија собраниската сала. Овој чекор на опозицијата е само продолжување на политичката криза во Косово, која подолго време се манифестира, преку отворените несогласувања со досегашните владејачки партии, а кои Курти ги смета за главните фактори за високата корупција во земјата. Политичката стабилност ќе се најде пред нов тест со изборот на новиот претседател на Косово, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Засега изборот на Вјоса Османи за претседателка на државата, е неизвесно.
Во однос на решавањето на спорот со Србија, новиот косовски премиер настапи премногу „агресивно“ од собраниската говорница. Курти ја повика Србија да врати „околу три милијарди евра долг и да понуди отштета за уништената инфраструктура како надомест за воените страдања и жртвите“. Дополнителните негови барања за евентуални разговори со Белград, освен безусловното признавање на независно Косово и извинувањето од Белград за војната и, пред сѐ, откривањето на судбината на, како што рече, над 1.640 исчезнати граѓани за време на воениот конфликт.
Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, вели дека во настапот на Курти не се остава простор за продолжување на разговорите со Приштина. Како предуслов за тоа, тој го наведува градењето на меѓусебната доверба преку исполнување на претходно преземените обврски од дијалогот.
– Белград очекува од другата страна да има доверлив соговорник што е подготвен да го проведе договорот за формирање заедница на српските општини. Очекуваме од Приштина да ги напушти изборната и воената реторика – изјави Петковиќ за „Новости“.
Агрон Бајрами, главниот уредник на „Коха диторе“, во разговор за „Ал џезира“ вели дека Албин Курти не победил на изборите на темата за интеграција со Албанија, туку на темата за корупцијата.
– Се поставува прашањето зошто Косово во последните десет години не беше во состојба да се бори со корупцијата? Одговорот на тоа прашање е во дијалогот. Дијалогот им служеше на косовските актери, тоа ѝ овозможи на ЕУ да ги затвори очите пред тие проблеми додека се одвива дијалогот. Тоа што се нарекува нормализација на односите е еуфемизам што треба да ја прекрие неможноста на двете страни во преговорите, но и на ЕУ и на САД заеднички да се дојде до формулација што експлицитно сакаме да се постигне со овој процес – нагласува Бајрами.
Дејан Јовиќ, професор на Факултетот за политички науки во Загреб, вели дека во наредните десет години ќе се води дијалогот во кој досега е постигната некаква рамнотежа меѓу трите актери: Брисел, Белград и Приштина.
– ЕУ нема намера да ја прими Србија во свое членство, иако е тоа погрешен став. ЕУ нема што да им понуди ни на Белград, ни на Приштина, освен да одржува статус кво или да не дозволува да дојде до промена на границите. Унијата го постави Западен Балкан во позиција на чекање на Годо, ја изгуби силата и не може да биде ништо повеќе од модератор, кој го вклучува и исклучува микрофонот. Силата на ЕУ на Западен Балкан е ослабнатата – заклучува Јовиќ во разговорот за „Ал џезира“.
Ваквата состојба, според него, им одговара и на Србија и на Косово. За Србија прашањето на признавањето на Косово останува неприфатливо и тоа нема да се случи ни ден пред приемот во ЕУ, а тоа ќе создаде нестабилност во регионот, особено во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.