Италијанската полиција во близина на Бриндизи заплени 560 килограми марихуана и уапси двајца албански државјани, на возраст од 27 и 32 години.
Акцијата е реализирана во соработка со припадниците на ФРОНТЕКС и албанската полиција, која сигнализирала дека кон италијанскиот брег плови моторен чамец.
Кога биле забележани двајцата Албанци, жители на приморскиот град Валона, се обиделе да и избегаат на полицијата но не успеале во намерата.
Марихуаната била спакувана во 24 пакети и тие ја фрлиле во морето.
Доколку дрогата стигнела на нарко пазарот, би достигнала вредност од околу пет милиони евра.
Според полициската статистика, само во тој дел на италијанскиот брег, годинава запленети се 16 тони марихуана пристигната од Албанија, уапсени се 39 лица и запленети 16 моторни чамци.
Инаку, во изминатиот период од годината, албанската, италијанската и грчката полиција имаат запленето над 40 тони марихуана произведена во Албанија.