Денеска истекува рокот кој меѓународната заедница им го даде на косовските власти за формирање на Заедницата на српски општини(ЗСО).
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика косовските Срби да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
Тој за денеска претпладне свика итна седница на Советот за национална безбедност на Србија, „поради состојбата на северно Косово“, јави српскиот јавен сервис РТС.
Според истиот извор, на седницата ќе се разговара за тоа „како да се заштитат српските интереси и народ во Косово, а ќе се разгледува и актуелната безбедносна ситуација.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српските медиуми информираат дека поради информациите оти „во следните 48 часа може да се случи дестабилизација на безбедносната ситуација во северниот дел на Косово“, КФОР завчера во раните утрински часови префрлил дел од опремата и техника од својата база во селото Маѓунско во општина Вучитрн во северно Косово.
Се огласи и амбасадата на САД во Приштина, од каде побараа креативност и флексибилност кога се во прашање улогата и овластивањата кои би требало да ги има Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово.
Како што пренесува Танјуг, од амбасадата е наведено дека сите напорно работеле за да се исполни „договорот за Асоцијацијата на српски општини (АСО)“, кој е произлезен од дијалогот, особено во врска со периодот на изработка на Статутот, додека се приближува 4 август, рокот што Брисел го има дадено за негова изработка.
– Косовските Срби, кои се дел од Управувачкиот тим на ЗСО, кои се и одговорни за изработката на првиот нацрт статут, напорно работеа последните четири месеци. Следниот чекор, според договорот од бриселскиот дијалог е одборите на двете страни да изнајдат време да се запознаат меѓусебно во Брисел и да ги прегледаат и да разговараат за нацрт Статутот…Се надеваме дека сите набљудувачи ќе овозможат понатаму да се развива процесот совесно и во временска рамка како што е предвидено со договорот “, истакнуваат од амбасадата на САД.
Во последно време низ медиумите се појавија информации дека властите во Белград и Приштина разговараат за размена на територии, со цел конечно решавање на косовското прашање.
Актуелниот косовски претседател Хашим Тачи истакна дека е потребна извесна корекција на границите, на што реагираше косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој рече дека евентуално редефинирање на границите, би можело да доведе до војна.
– Ако некој излезе од косовските закони и договори, законот ќе работи, нема дилема, ќе го добие својот одговор. Тоа се однесува и за северно Косово. Секогаш сме го поздравиле пристигнувањето на секој граѓанин на светот во кој било дел од Косово, а секој што влегува на територијата на Косово, со цел на нарушување на јавниот ред и мир, ќе добие одговор во согласност со законот – изјави Харадинај околу можноста Србите на северот на Косово денеска да прогласат автономија.
„Корекција на границите” или еуфемизмот за „размена на територии” е лоша идеја, вели американскиот аналитичар Даниел Сервер и наведува бројни причини, а пред сè дека тоа би им дало потстрек на заговорниците на самостојноста на Република Српска и на Голема Албанија.
„Размената ќе им даде ветар во грб на оние косовски Албанци кои сакаат да се обединат со Албанија. Тоа би им одело на рака и на Албанците во Македонија, кои исто така би сакале „Голема Албанија”, што би ја дестабилизирало Македонија”, напиша Сервер во авторскиот текст за порталот Peacefare.net, а по повод изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека е подготвен да зборува за „корекција на границите”.
Тој понатаму наведува дека една од причините е и Република Српска, која во најголем дел е населена од Срби и зафаќа 49 отсто од територијата на БиХ, која би можела да прогласи независност и да изнесе барање за обединување со Србија, што во тој случај би можело да доведе до реципрочен потег на босанските Хрвати.
„Русите овој преседан за корекција на границите би го искористиле во Јужна Осетија и Абхазија во Грузија, Приднестровје во Молдавија, како и во Донбас во Украина, така што на Русите би можела да им се допадне идејата за прием на Косово во ОН, што би претставувало Пирова победа ако Косово се приклони кон идејата за создавање на „Голема Албанија“, или ако Кина одлучи да стави вето на членството на Косово “, вели Сервер во авторскиот текст, кој го пренесуваат повеќето српски медиуми.
Трајно решение за Косово ќе значи одржливо реалистично решение според меѓународното право, а двете страни ја дефинираат заедничката основа за взаемна согласност, изјави портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.
– Дијалогот со посредство на ЕУ има за цел да промовира долготрајна соработка помеѓу страните, да им помогне да постигнат напредок на патот кон Европа и да ги подобрат животите на луѓето. Трајно решение значи одржливо реалистично решение според меѓународното право. Двете страни ја дефинираат заедничката основа за взаемна согласност – изјави Коцијанчич во одговорот до МИА на прашањето околу ставот на Могерини за можна поделбата на Косово.
Коцијанчич потсети дека за време на последната рунда преговори во рамки на дијалогот Белград-Приштина, претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, имаа „интензивна и продуктивна дискусија“ во рамките на договорот за нормализација на односите.
– Тие се согласија да ја интензивираат работата во наредните недели. На последната средба на дијалогот на високо ниво на 18 јули, двајцата претседатели го прегледаа направениот напредок и се договорија повторно да се сретнат во септември – рече Коцијанчич за МИА.
Дипломатски извори во Европската комисија за МИА велат дека на последната средба помеѓу Вучиќ и Тачи не станало збор за поделба на Косово, но дека на двете страни останува дали ќе сакаат да го отворат прашањето на следниот состанок, кој се очекува да се одржи во текот на септември.
Последните денови косовската и српската страна на највисоко ниво упатија повеќе пораки во јавноста за „корекција на границите“ и „размена на територии“, додека, пак, американскиот амбасадор во Србија првпат одби да отфрли секаква поделба на Косово.