Годишно, во просек, пет илјади хрватски граѓани се иселуваат во Ирска, која бележи најголем и најбрз економски пораст во ЕУ
Пред да влезе Хрватска во Европската Унија околу 200 Хрвати работеле во Ирска, а по зачленувањето во оваа земја се иселиле повеќе од 30.000 лица, од кои повеќето сакаат да останат трајно. Годишно, во просек, пет илјади хрватски граѓани се иселуваат во Ирска, која бележи најголем и најбрз економски пораст во ЕУ. Најголемиот дел од нив се млади лица, кои тешко можеа да дојдат до првото вработување во некои од хрватските компании. Од земјите во европската заедница со високата невработеност кај младите особено е погодена Хрватска, која во 2013 година имаше стапка на невработеност од 49,9 отсто
– Половината од моето одделение од средно училиште се во Ирска. Дојдовме овде зашто во Осиек нема никаква работа. Се извлековме од долгови и голема криза – вели Санела Курелиќ, која работи во кујна во една ирска фирма, во изјава за „24 часа“. Томислав Јеличиќ од Сплит вели дека половина од неговите другари од училишните денови се во Ирска. – Дојдов овде завчера и веќе имам работа во магацин – кратко одговара тој. Работните места за доселениците во Ирска се делат во две групи: оние за минимална месечна плата од 1.000 евра и оние што се подобро платени во информатичката индустрија.
Хрватска со години се мачи со високата структурна неусогласеност меѓу понудата и побарувачката на работни места. Освен тоа, младите лица што се обесхрабруваат поради неможноста за вработување, одлучуваат да останат предолго во образовниот систем. Горан Лубуриќ, продекан за настава во Високото деловно училиште во Загреб, за „Пословни“ нагласува дека невработеноста на младите е еден од најзначајните проблеми во хрватската економија. – Намалувањето на невработеноста кај младите во Хрватска е можно поради преголемото иселување. Тоа е загрижувачки податок. Прашањето за невработените млади лица е комплексно и бара многу структурни промени во домашната економија, за што нема доволно ни сила ни волја – вели Лубуриќ.
Загрижува податокот што расте бројот на младите што не работат и не сакаат стручно да се усовршуваат, што може да му се препише на слабото образование, кое не создава работни навики во тинејџерскиот период, како и на недоволната економска стимулација од страна на државата и работодавците. Последните години во Хрватска невработеноста најмногу расте кај лицата со највисок степен на образование, од 2008 до 2015 година има раст од 8,5 отсто, а најмалку кај оние што се без образование и со основно образование, каде што има пад од 7,9 и 1,1 отсто. Лубуриќ не е изненаден од овие податоци затоа што високото образование се сфаќа според принципот „диплома заради диплома“.
– Факултетите мора да го зголемат својот ангажман за да им се обезбеди на студентите да пронаоѓаат дополнителна практика, еден од начините да се постигне соработка со домашните и надворешните компании. Исто така, државата може да ги стимулира учениците и студентите во изборот на одредени занимања и струки, за да можат по завршувањето на образованието да бидат конкурентни на пазарот на трудот – вели Лубуриќ.