Потписници на апелот се 250 интелектуалци од регионот, кои сакаат да ги информираат западните сили дека состојбата во регионот сѐ повеќе потсетува на деведесеттите години од минатиот век и крвавиот распад на некогашна СФРЈ
Растечкиот национализам, идеите за прекројување на границите и тензиите во државите во регионот потсетуваат на деведесеттите години од минатиот век и секоја релативизација на сериозната состојба би била погрешна и опасна, сметаат 250 интелектуалци од регионот, кои предупредуваат на негативната динамика на Западен Балкан, која потенцијално води во насилство. Тие на трети мај годинава упатија апел до Европската Унија, САД и владите на земјите-членки на НАТО. Историчарот и универзитетски професор од Црна Гора, Шербо Растодер, за Радио Слободна Европа вели дека потписниците немаат илузија дека писмото може краткорочно да доведе до значајни промени на Западен Балкан, но се надеваат дека со повикот до ЕУ, САД и НАТО ќе успеат да го свртат вниманието на кризата во регионот, која станува сериозна и опасна.
– На Балканот ни една криза не е локална и таа се шири на другите држави по принципот на споени садови. Претпоставувавме дека меѓународната заедница има искуство со Балканот и дека ова за неа не е нова приказна, но ние детектиравме и некои нови појави и процеси. Доколку се премолчат, тие никому не му се во прилог. Нашата обврска е да ја предупредиме меѓународната заедница за овие опасности – наведува Растодер.
Потписниците на апелот сакаат да ги информираат западните сили дека состојбата во регионот сѐ повеќе потсетува на „национален авторитарен популизам виден во поранешна Југославија од крајот на осумдесеттите години“. Оваа состојба стана очигледна и во некои држави-членки на ЕУ и во САД по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.
Односот на мнозинството на западните влади до 2018 година во целост е во согласност со идеалот за целовита, слободна и мирна Европа, што го подразбираше и ставот дека натамошната промена на границите или етнотериторијализацијата нема да биде дозволена, се наведува во апелот на интелектуалците од Балканот.
Изборот на Трамп, мигрантската криза што ја погоди Европа, како и глобалната економска криза, беа фактори поради кои состојбата на Западен Балкан беше ставена надвор од фокусот на западните сили, вели новинарот и универзитетскиот професор од Србија, Динко Грухоњиќ
– Русија преку Белград и неговиот сателит Република Српска шири малигно влијание во регионот што им одговара на некои националисти и затоа се слушаат гласови за повторно цртање мапи. Се сеќаваме кога тоа нѐ чинеше 130 илјади убиени, милиони раселени и десетина илјади осакатени и силувани лица – вели Грухоњиќ за РСЕ.
Едина Бечировиќ, професорка за безбедносни студии на Универзитетот во Сараево, предупредува на опасноста од можни промени на границата на Балканот, за што Западот почна да размислува од 2018 година.
– Тоа се идеи на десничарско ориентираните ентнонационалистички лидери во регионот, кои се поврзани со Русија. Неверојатно е како таквите идеи влегоа во ЕУ и во НАТО. Западот континуирано говори за малигното руско влијание, но време е да признаат дека Русија ја диктира политичката агенда на Западен Балкан и оваа идеја за прекројување на границите е всушност успех за руската политика – вели Бечировиќ.
Таа вели дека апелот на интелектуалците од регионот од Западот треба да се сфати како добронамерна критика за нивната политика во регионот.
– Значајно е тоа што апелот е потпишан и од познавачите на регионот од Западот, кои се свесни дека идејата за прекројување на границите на Западен Балкан е опасна и тоа не може да се спроведе без нови војни. Освен тоа, западните кругови последните години сериозно почнаа да го сфаќаат дел од цивилното друштво во Србија што се претставува како либерално и прозападно ориентирано, а во суштина заговара ретроградни идеи за поделба на граници и етничка хомогенизација. Затоа е важно да се слушне гласот на претставниците на цивилното општество од регионот, кое силно се противи и на таквите ретроградни и опасни идеи што се закана за мирот – вели Бечировиќ.
Апелот на кој се потпишаа повеќе од 250 претставници на цивилното општество и интелектуалци од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Словенија, Европа и од САД е испратен до претседателот на САД, Џо Бајден, челниците на Европската комисија, односно до Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и до шефовите на владите на водечките држави-членки на ЕУ и на НАТО.