Комплексниот систем за давање правна помош што го користи косовското министерство за правда е нетранспарентен, со што косовската јавност нема увид во користењето на 20-те милиони евра од косовскиот буџет предвидени за „финансиска поддршка на обвинетите на кои ќе им се суди пред Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг“. Косовската, но и пошироката јавност, нема увид во користењето на милионите евра од државниот буџет предвидени за одбрана на обвинетите на кои ќе им се суди пред Специјалниот суд
Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг им доделува правна помош на обвинетите за воени злосторства, но само ако докажат дека немаат можност за плаќање на адвокатите. Но косовскиот систем не е многу транспарентен, што отвора сомнежи за потенцијална злоупотреба на помошта. Ова го констатира истражувачка сторија на „Балкан инсајт“.
Во вакви околности, најголемо внимание привлекуваат случаите на осомничените поранешни припадници на ОВК, кои сега имаат јавни функции. Меѓу нив е и косовскиот претседател Хашим Тачи. Косовската, но и пошироката јавност, нема увид во користењето на милионите евра од државниот буџет предвидени за одбрана на обвинетите на кои ќе им се суди пред Специјалниот суд.
Рустем Мустафа, еден од над стоте поранешни борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК) што беа повикани на распит од обвинителите за нивната улога во војната од 1998 до 1999 година, не успеа да го убеди Специјалниот суд дека ги исполнува потребните услови за правна помош. Неговото барање за покривање на правните трошоци беше одбиено од Специјалниот суд, од кој се очекува да им суди на поранешните борци на ОВК за нивните злосторства направени во периодот од 1998 до 2000 година, за време и по војната на Косово. Мустафа не кажа дали Косово му ги покри трошоците.
Специјалниот суд, кој допрва треба да почне со судските процеси, им дава правна помош на сите осомничени или обвинети што ќе докажат дека немаат начин за плаќање на адвокатите, преку ригорозни процедури што се однесуваат на нивното барање. Специјалниот суд одреди надоместок за правните трошоци од 100 евра по час, а ги покрива и патните и трошоците за сместување. Косовското министерство за правда, пак, користи покомплексен систем, во кој исплатите се врз основа на тарифите одредени од косовската адвокатска комора, од адвокатите во Холандија, од државата од која доаѓа адвокатот и од тарифите на Специјалниот суд. Згора, сите што се судени и ослободени ќе добијат компензација за времето поминато во притвор, како и за другите материјални загуби и за психолошкото страдање што го претрпеле како резултат на процесот. Косовското министерство за правда ги покрива и патните трошоци на блиските роднини на обвинетите, со што секој обвинет може да биде посетен од најмногу 12 члена на семејството годишно. Специјалниот суд, пак, не ги покрива овие трошоци.
– Слично како и во други судства, ако осомничениот или обвинетиот бара правна помош од Специјалниот суд, мора да пополни формулар. Во овој формулар барателот доставува кредибилни официјални документи за неговата финансиска состојба и имот, за судот одредува дали тој може да плати адвокат. Тоа ѝ овозможува на нашата канцеларија да процени дали барателот може да плати адвокат и дали да препорача правната помош да биде исплатена. Ако барателот не ги достави потребните информации или даде лажни информации, правната помош може да биде одбиена – вели Ангела Грип, портпаролката на Специјалниот суд за Косово.
Во бараните информации спаѓаат банкарски извештаи од сите сметки, кредити и платежни картички, детали за приватните бизниси, информации за поседување акции, инвестиции и бизнис-трошоци. За разлика од процедурите во Специјалниот суд, косовските закони осигуруваат правна заштита и финансиска поддршка за луѓето на кои им се суди во Специјалниот суд без тие да имаат обврска да достават официјални документи за нивната финансиска состојба. Годинава, 20 милиони евра од државниот буџет на Косово беа предвидени за финансиска поддршка на обвинетите на кои ќе им се суди пред Специјалниот суд.
– Иако е планирано овие пари да бидат потрошени, не значи и дека сите ќе бидат искористени. Ако не бидат потрошени, остатокот ќе биде префрлен за следната година – се наведува во изјавата на косовското министерство за правда.
Косовскиот адвокат Аријанит Коци, кој застапува повеќе борци на ОВК повикани од хашките обвинители, кажа дека косовските власти треба да го следат примерот на Специјалниот суд и да одредат унифицирани тарифи за адвокатите, за да се избегнат проблеми. Тој смета и дека косовската јавност треба да знае колку им се плаќа на адвокатите од јавните средства, особено во случаите на осомничените од ОВК што имаат јавни функции, како што е косовскиот претседател Хашим Тачи, кој беше на распит во Хаг во јули.
– Во спротивно, ако овие информации се држат во тајност или не се транспарентни, тоа остава можност за злоупотреба на јавните пари – вели Коци.
Од друга страна, Министерството дало одговор дека „не може да овозможи пристап до документите поврзани со имплементацијата на Законот за правна заштита и финансиска помош на потенцијалните обвинети на судењата во Специјалниот суд, бидејќи тие документи се доверливи според одлука на премиерот од 31 јануари 2019 година“. Министерството минатата година склучило соработка со една американска и со една британска правна фирма, вредна вкупно 400 илјади евра, за „правни консултации за положбата на Косово“ пред Специјалниот суд. Документите поврзани со правните фирми што работат за Косово исто така беа со назнака за доверливост.
Извесно е дека нетранспарентноста дава повод за сомнеж за можна злоупотреба на парите за правна помош што Косово им ја доделува на поранешните борци на ОВК осомничени за воени злосторства, а засега нема назнаки дека практиката на доверливост ќе биде сменета, за да ѝ бидат достапни на тамошната јавност податоците за исплатите.