Опозицискиот турски политичар, Екрем Имамоглу, денеска официјално стапи на должноста градоначалник на Истанбул, откако во неделата победи на повторените избори во најголемиот турски град.
Имамоглу кој го кандидираше Републиканската народна партија, доби сертификат со кој официјално ја презеде највисоката функција во Истанбул и ќе управува со градот во следните пет години, пренесе „АП“.
Имамоглу победи со мала разлика на првите избори за градоначалник на 31 март, но Централната изборна комисија на Турција ја поништи неговата победа и наложи повторување на изборите.
На второто гласање, Имамоглу со освоени 54,21 отсто од гласовите го победи поранешниот премиер, Биналиј Јилдрим, од редовите на владејачката Партија на правдата и развој на турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган.