Нискиот процент на жени кандидати за челните позиции во локалната самоуправа ја отсликува и нивната положба во општеството во Босна и Херцеговина
На годинашниве локални избори на 15 ноември во Босна и Херцеговина за челните позиции на општините и градовите се кандидирале само 29 жени, а 396 се мажи.
Кандидатката за градоначалничка на Тузла, Мирјана Маринковиќ-Лепиќ, смета дека овој однос е потврда дека мажите во политичкиот живот ги опструираат жените.
– Меѓу кандидатите за началници и за градоначалници во општините во БиХ има фрапантно мал процент на жени. Ова е доказ дека сѐ уште живееме во патријархално општество – вели актуелната парламентарна пратеничка Мирјана Маринковиќ-Лепиќ за Радио Слободна Европа.
Од вкупниот број кандидати за градоначалници и началници (421), само 6,82 отсто се жени, додека за општинските совети, собранијата на општини, градските совети, собранијата на градот и Собранието на Брчко Дистрикт, 12.753 (42,27 отсто) се жени, а 17.415 (57,73 отсто) се мажи. Законот за рамноправност на половите пропишува квота од 40 отсто за понежниот пол.
– Овој процент од 42,27 отсто покажува дека политичките субјекти ја испочитувале квотата, а доколку не го направат тоа, ЦИК нема да им ги потврди кандидатските листи. Кога зборуваме за процентот од 6,82 отсто за кандидати за началнички, јасно е дека политичките партии не го почитувале Законот за рамноправност на половите – вели Маја Гасал-Вражалица, директорка на Академијата за жени и некогашна пратеничка во Парламентот на БиХ.
По општите избори во 2014 година, направена е неофицијална анализа за политичката партиципација на жените во БиХ, која покажа дека во политичките субјекти дејствуваат 33 отсто жени. Во споредба со 2016-та, имало 418 кандидатки за началници и градоначалници или три жени помалку на претстојните избори.
Координаторката за јавни политики во коалицијата за слободни и чесни избори „Под лупа“, Јелена Танасковиќ- Миќановиќ, смета дека овие податоци се одраз на демократското ниво во политичките партии и положбата на жената во нивните политички партии.
– Ова говори и за положбата на жените во политиката во БиХ. Овој мал процент на жените кандидати за началници и градоначалници ни покажува дека ние сѐ уште сме далеку од некое зрело политичко општество, каде што жените имаат доволно простор, институционална и секаква друга поддршка за да се вклучуваат во политичките процеси и да се наметнат како лидерки – вели Танасковиќ-Миќановиќ за РСЕ.