Во Црна Гора на 30 август се одржуваат парламентарни избори на кои партијата на Мило Ѓукановиќ ќе се обиде да го продолжи триесетгодишното владеење. За разлика од другите држави на Балканот, кои поминаа низ неколку промени на владејачките структури, Црна Гора останува единствена земја во која доминира една партија, а тоа е Демократската партија на социјалистите, предводена од актуелниот претседател на државата Мило Ѓукановиќ. Карактеристично за оваа партија е што настапува самостојно на изборите, а при формирањето на владејачкото мнозинство се потпира на поддршката од помалите партии, кои се нивни традиционални партнери (СДП и од малцинските партии на Бошњаците, Албанците и Хрватите).
Листата на најмоќната партија ја предводи актуелниот премиер Душко Маровиќ, а наспроти нив се четири опозициски блока и две поголеми коалиции. Едната собрана околу просрпскиот Демократски фронт и втората, составена од демократите и процрногорската Социјалдемократска партија (СДП) и УРА.
Парламентарните избори во 2020 година се одржуваат во услови на зголемен пораст на заразени од коронавирусот, но и во нарушена политичка атмосфера поради спорот меѓу власта и Српската православна црква, за различните ставови за Законот за слобода на вероисповед, што беше причина за повеќемесечни протести и литии организирани од СПЦ. Овие протести беа поддржани и од опозициските политички партии, кои изборите на 30 август ги прогласија за судбоносни. Граѓаните на Црна Гора ќе избираат меѓу заштитата на суверенитетот на Црна Гора од „српскиот национализам“ и заштита на интересите на српското малцинство и за одбрана на црквата и нејзиниот имот.
Политичкиот аналитичар Борис Мариќ, во разговор за „Дојче веле“, вели дека резултатот на изборите зависи од повеќе фактори, како што е одзивот, кој ќе биде помал поради ширењето на епидемијата.
– Со мал одзив шансите на опозицијата се поголеми. И овој пат ќе имаме помала разлика за едната страна – тврди Мариќ.
Политичката новинарка во весникот „Вијести“, Биљана Матијашевиќ, смета дека поголеми изгледи за победа има власта, која изобилно ги користи институционалната предност и државните ресурси во изборни цели.
– Значителна предност за власта е контрола над избирачките списоци во која има сѐ уште „фантоми“, а дадена им е можност да гласаат и луѓе што со години не живеат во Црна Гора – вели Матијашевиќ.
Клучен фактор за победникот на изборите е колку граѓани од дијаспората ќе може да гласаат, поради ограниченото движење поради пандемијата. Аналитичарот Мариќ смета дека е важно колку ДПС ќе успее да ја санира политичката штета од организирањето на литиите, што беа причина и да изгубат еден дел од гласачите.
Црна Гора, без разлика кој ќе победи на изборите, ќе се соочи со големи проблеми поради економската криза предизвикана од коронавирусот и падот на туристичкиот промет, кој изнесува до осумдесет отсто помалку во однос на претходните години.