Сигурно сте наишле на коментари во кои е изразено чудење оти „ветре“ создава хаос во Загреб, додека посилната бура е сосема вообичаена за Далмација, пренесува хрватски „Индекс“, кој се консултираше со метеоролог за да дојде до одговор на прашањето зошто циклонот „Андреа“ создава толку големи проблеми во главниот град на Хрватска.
– Далматинците се потсмеваат, но тие живеат во потполно различно поднебје. Тлото е поинакво, архитектурата е поинаква. Може да се каже оти таму се е повеќе подготвено за такви удари на ветер. Таму каде што бурата дува почесто не се гради како во Загреб. Цреповите се поставуваат поинаку, градењето е поинакво, дрвјата се поинакви. Таму бурата веќе искорнала се што може да се искорне. Онаму каде што ветровите се поретки, последиците се посериозни. Ударите на ветерот во Загреб изнесуваат 100 километри на час, што е послабо во однос на бурата, но тие не можат да се споредуваат – објаснува Дуња Мацоко Дрвар за „Индекс“.
Откорнати дрва, искршени гранки по улиците и оштетени покриви се дел од утринската глетка во Загреб по силниот ветер кој не прекинува да дува од вчера вечер. Сообраќајот на неколку улици е во прекин, а прекинати се и неколку автобуски линии.
Се очекува стивнување на невремето до крајот на денот и негово потполно смирување во текот на ноќта.