Хрватска

Два силни земјотреса ја погодија Хрватска вчераутро во подрачјето на Петриња и Сисак. Европскиот медитерански сеизмолошки центар објави дека епицентарот на двата потреса е во близината на Петриња. Петриња се наоѓа на само 50 километри југоисточно од Загреб и 13 километри југозападно од Сисак. По потресите нема информации за жртви, но пријавени се сериозни материјални штети. Земјотресот бил почувствуван во Загреб, Риека и во Сисак, каде што голем број граѓани излегле на улиците поради страв од нови потреси. Во целиот град се огласиле аларми на автомобилите, а според првичните информации, во становите е причинета значителна штета.

Првиот земјотрес бил со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала и се случил околу 6.30 часот, а подоцна околу 7.50 часот, земјата повторно се тресела со интензитет од 4,9 степени.

Во селото Брест Покупски, со околу двесте жители, речиси и да нема куќа што не е оштетена, пишува загрепски „Јутарњи лист“. Покривите на некои куќи се распукале, а покривот на локалната месна заедница бил сериозно оштетен. Искршени лустери, кујни и испукани sидови се честа глетка во многу куќи. Весникот пишува дека центарот на Петриња претрпел значителни штети.

Шефицата на Сеизмолошката служба на Хрватска, Инес Иванчиќ, ги предупреди граѓаните на можноста од нови земјотреси во наредните часови и денови во областа Петриња и Сисак. Со неа се согласува и сеизмологот, Маријан Херак, од Геофизичкиот оддел на ПМФ во Загреб. Во изјава за ХРТ тој рече дека вчерашниот потрес дефинитивно не е дел од истата серија како оној загрепскиот од 22 март годинава, туку станува збор за друго епицентрално подрачје и нагласи дека сигурно ќе има уште потреси во тоа подрачје.