Постојниот план за Витоша не дозволува изградба на нови ски-лифтови и патеки, кои се неопходни за спроведување на зимските младински игри во Софија
Иднината на зимскиот центар на Витоша е иста како онаа на Банско. Развојот на двата зимски центри во Бугарија е влезен во магичниот круг на барањата на концесионерите, за одобрување нов градежен циклус, и противењето на екологистите, додека владејачките партии се обидуваат да маневрираат меѓу интересите на двете групи. Но за Витоша се појави нова можност за изградбата на нови ски-патеки и лифтови, со промовирање на идејата за кандидирање на Софија за домаќин на Зимските младински олимписки игри. Идејата беше лансирана во текот на посетата на претседателот на МОК, Томас Бах, во Софија во септември, кога Бугарија беше домаќин на три светски првенства – во одбојка, по ритмичка гимнастика и во веслање. Идејата дошла од самиот Бах, кој ја охрабрил Софија да аплицира за олимписките младински игри во 2024 година, пишува „Капитал“.
Набргу по ова, бугарскиот премиер Бојко Борисов му нареди на министерот за спорт Красен Кралев да ја подготви кандидатурата. Но за да се случи тоа, треба да се дозволи изградба на Витоша, за да можат да се реновираат сегашните лифтови и да се изградат нови, како и да се оформи целосно нова ски-зона со нови ски-патеки за алпско скијање.
Во моментов најголемата кочница пред сопственикот на лифтовите „Витоша ски“ е планот за управување со паркот „Витоша“. Според концесионерот, новите лифтови не можат да се градат, бидејќи ќе треба да се стават на нови постаменти, а тоа е спротивно со постојниот план, кој забранува изградба.
„Капитал“ пишува и за економската исплатливост од организацијата на младинските олимписки игри, со оглед дека бројот на учесниците е многу помал од вистинските олимписки игри. Ова значи дека натпреварувачките тимови се помали. Олеснителна околност е тоа што земјата домаќин не мора задолжително да ги поседува сите објекти за зимските спортови, како што е на пример боб-патеката, која се смета за голема и скапа инвестиција, која подоцна е неисплатлива за одржување. Затоа, може да се користат најблиските боб-патеки во зимските центри во Австрија. Проблем претставува и тоа што во Бугарија повеќе од половина капацитети треба да се изградат одново, вклучувајќи ги и оние за алпско скијање.