Силен земјотрес денеска одново ја потресе Хрватска, а според информациите од медиумите тој бил почувствуван во целиот регион.

Според ЕМСЦ, потресот бил со јачина од 6,3 степени, а епицентарот бил на 46 километри југоисточно од Загреб, некаде околу Петриња, место кое и вчера беше погодено од низа земјотреси.


– Успеавме да извадиме едно дете, тоа беше во автомобил, сè се сруши, сопственикот е внатре, но тој не одговара – изјавил млад човек за телевизијата Н1, во првичен извештај за потресот.


Според податоците од терен, по првичниот земјотрес, се почувствувал уште еден помал. Земјотресот бил почувствуван и во регионот, а пријавен е во Бања Лука, Загреб, Вуковар и Сплит.


Урнати згради по земјотресот во Загреб, граѓаните излегоа на улица

Посилниот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала кој ја погоди Хрватска околу 12 и 20 часот поголемиот дел од Загреб остана без електрична енергија, има застој во сообраќајот, а луѓето панично излегоа на улиците.

Хрватските медиуми јавија дека земјотресот бил почувствуван и во Србија и во Словенија. Хрватските медиуми пренесуваат дека ситуацијата во Загреб е хаотична. Засега нема информации за жртви и повредени, а оштетени се бројни објекти.


Најголема штета змјотресот предизвика во Петриња. Таму состојбата е драматична, има урнати куќи и луѓе заглавени под урнатините и во автомобили. На помош во овој град е испратена хрватската војска.

– Владее општа паника, луѓето ги бараат своите блиски – вели градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ.