Силен земјотрес од 6,2 степени ја погоди Хрватска вчера околу 12.20 часот, со епицентар на 3 км од Петриња, но се почувствува во целата земја, па и до Љубљана и Белград. Во Петриња загинало едно дете, но се очекува бројот на жртвите да биде поголем. Првичните процени се дека половина од градот е во урнатини.
Градоначалникот Даринко Думбовиќ побара итно да се испрати помош во Петриња.
– Ги извлекуваме луѓето од коли, не знаеме дали имаме мртви и ранети, слушнав дека се урнала една градинка, но, за среќа, немало деца внатре, додека од друга градинка децата успеаја да се спасат – изјави Думбовиќ и побара помош од сите, особено од војската и пожарникарите.
Главниот град на Хрватска, Загреб, кој е на 45 километри од Петриња остана без струја, а болниците се евакуираат.