На еден од плацовите во Бугарија при проверка на картонот за сервисирање на еден половен автомобил, кој изминал 160 илјади километри, се покажало дека тој реално има изминато пат од 437 илјади километри
Намалената контрола при техничките прегледи на возилата е причина за честите манипулации со километражата при продажбата на половни возила во Бугарија. Ова го изјави Богдан Милчев, претседателот на Институтот за безбедност на патиштата, во емисијата на БТВ, во која се истражуваше начинот на кој се прават манипулациите при увозот на половни автомобили во Бугарија.
Новинарот во прилогот го проследува случајот за проверката за измината километража за еден автомобил, за кој е наведено дека „поминал“ 160.000 километри. По проверката на картонот за сервисирање на возилото издаден во Германија, било констатирано дека истиот автомобил поминал пат од 437.000 километри.
Богдан Милчев посочува дека проверката на километражата мора да се стави во редовните технички прегледи, кои најчесто се прават фиктивно.
– Кога се враќа километражата, се создава лажна реалност, што води до предуслови за зголемување на несреќите во сообраќајот – изјави Милчев.
Промената на километражата е лесна постапка и оваа услуга во Бугарија се наплаќа од 80 до 300 лева (едно евро чини два лева). Од Сојузот на бугарските возачи минатите години побараа да се казнува оваа постапка, кон која често прибегнуваат трговците со половни автомобили. Податоците покажуваат дека над 70 отсто од автомобилите во Бугарија се постари од десет години.
Од друга страна, претседателот на Бугарското здружение на жртвите во сообраќајните несреќи, Владимир Тодоров, истакна дека казните нема да го решат проблемот
Тој соопшти дека во моментов во тек е јавна расправа на уредба со која ќе се обврзат станиците за технички прегледи да ја внесуваат километража. Меѓутоа, најсериозен проблем е што многу од возилата се увезуваат.
– Ги повикувам нашите идни европратеници да го постават ова прашање на европско ниво. Односно да се постави заеднички систем во кој секој автомобил ќе се следи додека е во експлоатација – вели Тодоров.
Според извршната директорка на Здружението на увозници на автомобили, Цветелина Цанева, има психолошки момент при враќањето на километражата – луѓето знаат дека километрите не се реални, но купуваат возила со непроверени бројки.
– Во Германија враќањето на километражите е казниво. За нивните луѓе е нормално автомобилите да поминуваат над 300.000 км. Во Бугарија треба да се заостри контролата во станиците за техничките прегледи – вели Цанева.