Митрополитот црногорско приморски Амфилохије порача дека автокефалноста на православната црква во Украина нема да влијае на статусот на црквата во Црна Гора.

Тој додава дека, по најновата одлука на цариградската патријаршија, Вселенската патријаршија за Српската православна црква повеќе „апсолутно не е“ врховна црковна власт.

Митрополитот во интервју за српски медиум вели дека во текот на неодамнешната средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј му ја претставил одлуката на Саборот на СПЦ, кој не е согласен со неговата одлука на украинската црква да и се даде автокефалност.

Амфилохије раскажува дека вселенскиот патријарх го познава уште кога бил ѓакон, т.е дека со него студирал во Рим, но тоа што тој го работи во моментов не е апсолутно адекватно со духот на првославната црква, бидејќи со тоа го разорува вековното единство помеѓу православните цркви.

-Поради тоа нашата црква и многу други патријаршии не прифаќаме таков став, јас отворено му кажав. Се надевам, сепак и многу теолози во Грција и архиереи се против тоа и против неговото сегашно однесување- вели митрополитот.

Прашан дали овој указ би можел да влијае на статусот на црквата во Црна Гора, Амфилохије истакнува дека тоа нема апсолутно никаква врска со статусот на црквата во Црна Гора.

-Друго е прашањето за независна Црна Гора, друго е автокефална црква. Тоа е потполно различна работа- вели митрополитот. А на прашањето дали Вселенската патријаршија за СПЦ и понатаму е црковна власт, митрополитот вели: „Апсолутно не е“.

Тој објаснува дека само во Католичката црква постои врховна власт, а тоа е римскиот папа.

– Во православната црква тоа е борба која трае 10 векови, секој епископ е власт. И од таа страна тука и погреши вселенскиот патријарх, што сега се меша во животот на руската црква – вели митрополит Амфилохије и додава дека поради тоа и му се додава улогата на папа.

Според него во првославната црква, ниту има папа, ниту имало и таа е поради тоа православна.