Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, изјави дека за да се постигнат успешни резултати во преговорите со Србија е неопходно партиите на власт и оние од опозицијата да се обединат и да настапат едногласно, јави дописникот на МИА од Приштина. Весели нагласи дека во овие преговори воопшто не доаѓа предвид да се отвори прашањето на територијалниот суверенитет на Косово, затоа што „територијата и институциите на земјата се едни и неделиви и им припаѓаат на граѓаните на Косово, од кои мнозинството од 92 до 93 отсто се Албанци“.
– Ние имаме горчливо минато и штом се спомене Србија ние несомнено чувствуваме болка и одредена антипатија кон тоа прашање, но секако дека треба да се заврши и тој дел. Јас верувам дека ќе се обединиме заедно, власт и опозиција, за да ги оставиме инаетите зад себе и да се ориентираме директно на затворањето на прашањето со Србија. Дефинитивно Косово е независна и суверена држава и тука нема никакви дилеми. Тука говориме само за односите Косово – Србија кон Европската Унија. Но во прашањето за иднината на Косово ние нема ниту да отвориме расправа околу таа работа, изјави собранискиот спикер во Качаник.