ЦРНА ГОРА
Градежните машини на инспекцијата на Црна Гора вчера го урнаа објектот во изградба во манастирот „Свети Василиј“ кај Улцињ. Акцијата за уривање беше спроведена под силно полициско обезбедување, а се случува во време на заострени односи меѓу Српската православна црква и Владата на Црна Гора за новиот закон за слобода на вероисповед, со кој се регулира и сопственоста на црковните имоти.
Црногорската приморска митрополијата за 14 јуни најави продолжување на литиите, додека митрополитот на Црногорската православна црква, Михајло, бара тие да бидат забранети. Ректорот на Цетињската богословија, Гојко Перовиќ, за медиумите изјави дека се појавиле нови причини за одржување на литиите.
Гојко Перовиќ не сакаше подетално да зборува за новите причини, но појасни дека тие се однесуваат на преговорите со Владата и нејзиното однесување кон Законот за слобода на вероисповед. Од Владата сѐ уште не се огласиле по повод најавите за продолжување на литиите, кои прераснаа во протести во кои учествуваа претставници на српската заедница во Црна Гора.