Основното јавно обвинителство во Ниш наредните денови треба да се изјасни за полицискиот извештај за настанот во кој еден „активист“ за заштита на животните го одзема коњот во сопственост на Ром, под изговор дека тој го малтретира животното. Обвинителството треба да утврди дали во постапувањето на водачот на здружението „Српска чест“ има прекршочна или кривична одговорност, која се темели и на национална или расна омраза.
На снимката што ја објавил Бојан Стојковиќ од здружението „Српска чест“, која се појави на 14 септември, се гледа како еден млад припадник на ромската заедница го камшикува коњот. По ова, Стојковиќ со неколку члена од здружението влегува во населбата да го бара момчето. Потоа, пред камерите го принудуваат Ромчето да се извини и да вети дека нема да го малтретира животното.
– Ако овој коњ ти носи леб, треба да бидеш добар кон него. Сега ќе ти биде одземен коњот, за целата населба преку твојот пример да научи дека нема повеќе да малтретира ниедно животно. Ова ти е последна опомена – порачал Стојковиќ во видеопораката.
На прашањето што сакал да постигне со својата постапка, Бојан Стојковиќ за Радио Слободна Европа вели дека неговата организација сака да им помогне на животните.
– Сакавме да го спасиме животното и наедно да постигнеме договор со Ромите да почнат некаков вид едукација за да се заштитат и чуваат животните – вели Стојковиќ.
Марија Срдиќ, член на Антифашистичката коалиција, по повод однесувањето на членовите на екстремно десничарското здружение „Српска чест“ смета дека тоа било очекувано, затоа што „ова здружение подолго време е зафатено со процесот на фашизација“.
– Беше прашање на време кога ќе се случи ова, тие почнаа да влегуваат во куќите на луѓето и да им делат „правда“. Ова се случува затоа што институциите се поткопани и тие веќе немаат сила за дејствување – вели таа за РСЕ.
Одземениот коњ му бил предаден на здружението на „Зоо планет“ во Ниш. На животното не му е загрозен животот и по седум дена ќе му биде вратено на сопственикот. Инаку, организацијата „Српска чест“ е основана во 2014 година, за „промовирање на активизмот и мобилноста на младинските и човековите права, за заштита на животната средина и европските вредности“. Меѓутоа, Марија Срдиќ, која го водеше проектот за мапирање на екстремно десничарските организации на територијата на Србија, вели дека ова здружение се карактеризира со поинакви вредности.
– Членовите на оваа организација на социјалните мрежи и во јавноста заговараат хомофобија, нетрпеливост кон Европа и Америка, како и кон сѐ што не е „српско“. Тие се поврзани и со руските екстремно десни групи. Исто така, искажуваат омраза кон Хрватите, Албанците, феминистките и другите малцински групи. Снимката што деновиве кружи во јавноста е дел од милјето во кое тие се движат и идеите што тие ги заговараат – објаснува Срдиќ.
Таа потсетува дека „Српска чест“ го организирала упадот на проекцијата на документарниот филм „Албанките се наши сестри“ во Ниш, во 2017 година.
Нема официјални податоци за бројот на нападите на ромската популација во Србија. На сајтот на Организацијата за европска безбедност и соработка е објавен извештајот за злосторствата од омраза на подрачјето на земјата од 2013 до 2017 година. Во 2013-та биле пријавени 64 случаи, следната година 87, а во 2017 година имало само пет случаи.
Данило Чурчиќ од невладината организација А11, која е посветена на заштита на малцинските групи, вели дека граѓаните сѐ помалку ги пријавуваат инцидентите, поради неефикасноста на работата на институциите.
– Во некои случаи е потребна поголема јавна реакција за да пристапи полицијата по пријавите од Ромите што се изложени на нападите на екстремно десничарските групи, иако тие имаат обврска кон таквите случаи да пристапуваат со посебно внимание, затоа што се работи за потенцијални злосторства од омраза. Во секој случај, состојбата не е добра и настанот од Ниш треба да биде последен сигнал дека итно треба да се менува нешто – смета Чурчиќ.
Ова не е првпат десничарските групи да манифестираат сила од позиција на „државна власт“. Невладиното здружение Центар за безбедност, истрага и одбрана ДБА во мај годинава предложи основање „граѓанска патрола“, односно на група граѓани што наводно би помагале во редовните активности на полицијата. Меѓу заговорниците на оваа идеја се и лица што се осудени на пет години затвор во случајот за „државен удар“ во Црна Гора и еден од лидерите на Српската десница, кој е осудуван поради дискриминација на припадниците на ЛГБТ-заедницата, поседување оружје и попречување службени лица во извршување на нивните должности, пишува Радио Слободна Европа.