Во Европската Унија се засилува кампањата за зголемен притисок врз земјите од регионот за намалување на емисијата на штетни гасови од користењето на јагленот во балканските термоцентрали, кои се најголеми загадувачи на воздухо
Европската Унија мора да изврши посилен притисок на земјите од Балканот за декарбонизација на нивниот енергетски систем на јаглен, бидејќи нивото на загадување останува значително над договорените граници, се наведува во извештајот на „ЦЕЕ банквотч нетворк“. Во последните две години се зголеми и јазот меѓу ЕУ и Западен Балкан, бидејќи не се исполнија нивните обврски, вели Јанез Копач, директор на секретаријатот на Енергетската заедница.
Повеќе од три и пол години по истекот на рокот до кој земјите од Западен Балкан мораат своите емисии на штетни гасови да ги усогласат со граничните вредности на Европската Унија, а според Договорот за основање на Енергетската заедница, загадувањето во регионот и натаму е повеќе од шест пати над дозволеното ниво, пренесува интернет-порталот „Еуроактив“.
– Европа мора да дејствува посилно отколку во претходните години – изјави Пипа Галоп, советничка за Југоисточна Европа во „ЦЕЕ банквотч нетворк“.
Познато е дека на просторот на Западен Балкан функционираат само 18 електроцентрали на јаглен, а во ЕУ има 221, тие емитуваат два и пол пати повеќе еколошки штетен сулфур диоксид од целата Унија.
Според извештајот на „ЦЕЕ банквотч нетворк“, група за заштита на животната средина и човекови права во Централна и Источна Европа, само Србија минатата година ја надмина емисијата на сулфур диоксид од емисијата на целата ЕУ. Прекумерното загадување е поврзано со високи трошоци. Сулфур диоксидот, кој настанува со согорување на фосилните горива, предизвикува загадување на воздухот и има штетни последици за здравјето на луѓето, особено на дишните патишта. Во периодот меѓу 2018 и 2020 година, загадениот воздух беше причина за 12.000 смртни случаи, од нив седум илјади се во ЕУ и 3.700 во Западен Балкан, пишува „Еуроактив“.
– Речиси десет отсто од комплетното производство на електрична енергија на јаглен се извезува во ЕУ како евтина електрична енергија. Нечистата електрична енергија од земјите од Западен Балкан, пред сѐ од Босна и Херцеговина и Србија, во основа е еколошки и здравствен дампинг. Тоа едноставно е кршење на трговските правила – смета Копач.
Медиумите во Европа позачестено пишуваат за проблемот со кој се соочуваат балканските земји, кои се енергетски и економски зависни од експлоатацијата на јаглен и негово користење во производството на електрична енергија. Фокусот на европските екологисти е насочен главно кон Босна и Херцеговина и Србија, чии термоцентрали емитуваат штетни гасови над дозволените граници. Пред секретаријатот на Енергетската заедница во тек е постапка против Србија поради непочитување на Директивата за големи печки. Постапката е иницирана во јануари 2020, затоа што Србија не ја почитуваше Директивата за намалување на емисијата за загадувачки материи од термоцентралите на јаглен.
Минатиот месец претставници на српската влада, во врска со обврските на земјата до 2050 година во целост да се откаже од употреба на јагленот, која произлегува од потпишувањето на Зелената агенда во Софија во 2020-та, изјавија дека Србија нема да се откаже од производството на струја со користењето јаглен, а главна причина за тоа е високото учество на електрична енергија, од околу 70 отсто, која е произведена во домашните термоцентрали. Српската влада се најде на средината меѓу преземените еколошки обврски и незадоволните работници од рударскиот комплекс, чии работни места зависат од експлоатацијата и користењето на јагленот.
Во 2020 година производството на струја добиена од јаглен е зголемено за пет отсто во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Годишниот извештај на Агенцијата за енергетика на Србија (АЕРС). Во производството на електрична енергија доминантно е учеството на нискокалоричниот лигнит, кој е со најслаб квалитет. Најголемиот производител на лигнит е јавното претпријатие „Електростопанство Србија“, кое е задолжено за осум термоцентрали, во кои работат 25 блока, пишува Радио Слободна Европа.
Европската комисија на средината на декември 2019 година го претстави Европскиот зелен план како збир на мери за постигнување одржлива економија. Овој документ е одговор на климатските промени и негативното влијание на животната средина. Со потпишувањето на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, земјите од регионот се обврзаа на заедничка акција за Европа да биде климатски неутрална до 2050 година.