Изминатата година немаше значителен исчекор на балканските земји во градењето вистински реформи што ќе значат приближување кон демократско и праведно општество. Состојбата во државите од регионот долги години е непроменета и без изгледи дека нешто ќе се смени во скоро време на политички и економски план. Во Хрватска, која се соочи со долгогодишна рецесија, по влегувањето во Европската Унија се интензивира демографскиот егзодус, што го доведува во прашање натамошниот развој, со што земјата е ставена на последното место во ЕУ. Ослабената хрватска опозиција е немоќна да влијае на однесувањето на владата на ХДЗ, што им остави простор на десничарските политички структури. Босна и Херцеговина се наоѓа во постојана криза, а за неа политичките аналитичари велат дека е држава со слаба централна власт. Ентитетот Република Српска се соочува со сѐ помасовни протести поради смртта на студентот, кој беше убиен во неразјаснети околности. Власта во РС отворено покажува симпатии кон Москва, а етничките поделби се рефлектираат и во работењето на институциите на ниво на Федерацијата на БиХ. Во Црна Гора официјалните претставници ги покажуваат првите знаци на фрустрација од бавното приближување кон ЕУ. Влезот во привилегираното друштво е условен со сѐ поголемите пречки што се поставуваат со исполнувањето на критериумите поставени од Брисел. Дел од опозицијата го бојкотира работењето на парламентот, а состојбата во земјата постојано е отежната со сѐ подлабоките разлики меѓу Црногорската и Српската православна црква. Албанската влада, предводена од премиерот Еди Рама, е изложена на критиките од Брисел и опозицијата за отсуство на акција за справување со криминалот и корупцијата во земјата. Последните денови од годината во Тирана се одржуваат масовни протести на студентите, кои се незадоволни од политиката во високото образование.
Сепак, најголема непознаница во наредниот период е како ќе се одвиваат работите околу новата криза во односите меѓу Белград и Приштина, по одлуката на косовската влада да воведе високи царини за увозот на производи од централниот дел на Србија. Српската влада продолжувањето на дијалогот во Брисел го услови со брзо повлекување на царинските бариери за српските компании, а од косовското раководство тоа го условија со признавање на Косово во меѓународните организации.
Србија во следната година, покрај разврската со косовското прашање, ја очекува и нов бран протести на домашната опозиција. Организаторите на протестите се надеваат дека тоа е почетокот на симнувањето на режимот, чиј главен репрезент е претседателот на државата Александар Вучиќ. Но прашање е дали ова е почеток на падот на власта на напредњаците или само искра што нема да биде доволна да го запали огнот. Вучиќ сѐ уште добро ги држи сите лостови на власта, а тоа му го овозможуваат и медиумите, кои се под негова целосна контрола. Изборите за опозицијата засега не се опција, а се најавува изразување граѓанска непослушност, во случај Вучиќ да ги распише без нивна согласност.
Тимоти Лес од експертската група „Нова Европа“, како дел од тимот на истражувачи на Форумот за геополитика на универзитетот „Кембриџ“, своите погледи за Балканот, гледано од геополитички аспект, ги дефинира во седум точки.
Првата и највоопштена точка гласи дека Балканот е регион во кој локалната политика се обликува со учество на внатрешни и надворешни актери. Локалното население нема дефинирани политички цели. Наспроти ова, тоа тежнее кон воспоставување самоуправни национални држави. Но поради тоа што станува збор за мали и релативно слаби нации, нивната способност да ги остварат таквите цели во голема мера е одредена со ставовите на големите и соседни сили и со нивната волја да ги поддржат или опструираат.
Подолг период од изминатата деценија Балканот бил под контрола на коалициските сили, односно на Западот, предводен од САД, а потоа од Европската Унија. Меѓународниот фактор инсистираше на замрзнување на границите од стара Југославија, наспроти фрустрациите на матичните држави и стравовите на малцинствата од регионот, како што се босанските Срби и Хрвати, македонските Албанци и други. Наместо да ги решава основните проблеми, Западот ги насочи своите напори на надминување на последиците, обидувајќи се да го развие Балканот економски и политички, нудејќи му членство во ЕУ и во НАТО. Иако немаа многу избор, народите од овој регион го прифатија тоа, а за возврат привремено отстапија од своите неисполнети национализми.
Тој смета дека оваа историска фаза се ближи кон крајот, бидејќи Западот ги губи способноста и волјата да ги обликува процесите на Балканот. Една од причините за тоа е неподносливата криза во ЕУ, која непрестано го менувала обликот во изминатите десет години, тргнувајќи од финансиската криза, која премина во повеќеслојна политичка криза, која во основа се состои во губење на вербата во либералната идеологија, на која почива ЕУ, смета Тимоти Лес. Непосредна последица е затворањето на какви било планови за вклучување на Балканот во европската заедница. Формално, политиката на проширување и натаму постои, но западните политичари велат дека е тоа доволно да се одржува сонот за членство. Но како политичка реалност, политиката на проширување е мртва.
Состојбата на статус кво на Балканот, со која надмоќната европска заедница потиснува низа фрустрирачки национализми, не може да истрае. Регионот се наоѓа во вакуум-простор. Тој или ќе ја оживее изградбата на национални држави или ќе стане зона на стратегиски надмудрувања меѓу Русија и САД, со вклучување на другите сили, како Турција, Велика Британија и Германија. Според другото сценарио, различните конфликти во регионот, Косово, Македонија и БиХ нема да останат замрзнати.
За парадоксалната состојба во која се најдоа поединечни земји-кандидати што беа „проевропејци“ зборува и случајот со Црна Гора, која како кандидат за зачленување во ЕУ со најголем ентузијазам тргна на европскиот пат. Иако од европските визии не отстапува ни претседателот на ЦГ, Мило Ѓукановиќ, кому сето ова му изгледа како поставување движечка цел, која сѐ повеќе се оддалечува како што тие се приближуваат кон неа. Неговите оптимистички изјави дека Црна Гора е првата следна членка на ЕУ се заменети со доза скептицизам за тоа дека глобалните движења и проблеми со кои се соочува ЕУ направија да спласне ентузијазмот во регионот. Тој го поставува прашањето за тоа „колку зајакнале антиевропските сили и колку се активираа некои трети земји во кои некои земји од регионот ја гледаат алтернативата на ЕУ“.
Неизвесноста во 2019 година продолжува, а изборите за Европскиот парламент напролет ќе го ублажат прашањето за правецот во кој ќе се движи Балканот.