Годинава обемот на странските инвестиции во Бугарија се намалил двапати во споредба со истиот период минатата година
Во последната деценија по зачленување на Бугарија во европското семејство обемот на директните странски инвестиции што годишно се слеваат во националната економија е намален речиси десет пати. Во 2017 година изнесуваа околу 1,9 милијарда лева, што претставува помалку од 2 отсто од бруто-домашниот производ на земјата. За да има значаен економски пораст, ова учество треба да е најмалку пет пати поголемо, покажуваат пресметките на Бугарската стопанска комора (БИА). Засега сличните очекувања се целосно нереални, бидејќи во првото полугодие од оваа година обемот на странските инвестиции се намалил двапати во споредба со истиот период минатата година, покажува новата анализа на БИА. Според истата анализа, девизните дознаки кон Бугарија што ги вршат нејзините државјани што престојуваат трајно зад граница веќе се значително поголеми од обемот на новите странски инвестиции во земјата, пишува во анализата на Дојче веле.
Странскиот капитал не обезбедува само нови работни места во бугарската економија. Тие се и многу важна алатка за подобрување на нејзината макроекономска рамка, за зголемување на извозот и продуктивноста на трудот и за имплементација на нови технологии и ноу-хау. Професорот Гарабед Минасјан од БАН тврди дека нема ништо неочекувано во веста за опипливо издишаната атрактивност на бугарската економија како поле за нови странски инвестиции.
– Во годишниот извештај на Институтот за економија напишав дека порано од Бугарија бегаа претежно луѓето. Но од последните две години стана очигледно дека од земјата веќе истекуваат и солидни износи на капитал – вели Минасјан.
Голем проблем е што странските компании не искажуваат подготвеност да се задржат во Бугарија, иако постигнуваат релативно прифатлива принос.
– Надворешните компании се воздржуваат од нови инвестиции – забележува тој.
„Бугарија е во застој!“, е заклучокот од студијата на Германско-бугарската индустриско-стопанска комора, која беше спроведена преку анкета на германски претприемачи, во земјите од Централна и Југоисточна Европа.
– Проблемот на германските инвеститори во Бугарија е поврзан главно со акутниот недостиг од работна сила и особено на обучени и квалификувани кадри. Тоа влијае не само на приливот на нови инвестиции туку и на идните одлуки на претприемачите што веќе инвестирале во бугарската економија – е коментарот на шефот на комората Митко Василев.
Овој заклучок го потврдува и еден од германските инвеститори што најдолго престојувал во Бугарија. Бертран Ролман, производителот на луксузна облека за повеќето реномирани трговски синџири во светот, пред четврт век го пресели својот бизнис од Грција во Бугарија. Германскиот инвеститор во Бугарија ја основал фирмата „Пирин текст“, едно од најголемите и успешни кројачки претпријатија во земјата.
– Причината за недостигот од кадри во Бугарија е дека други земји од Европската Унија нудат многу подобри услови за работа и како резултат на тоа младите бегаат од татковината. Околу 1.500 работници го напуштија моето претпријатие во последните три години. Околу 1.200 од нив заминаа за Велика Британија, каде што добиваат 1.300-1.500 фунти како берачи на фармите. Принуден сум да го намалам производството за една третина. Тоа се големи загуби за претпријатието, бидејќи нѐ напуштаат квалификувани и добро обучени кадри. Ние даваме едни од највисоките плати во индустријата – во просек 900 лева – и не можеме да понудиме нови значителни зголемувања на платите. Причина е силната конкуренција на турските производители на облека, чии цени паѓаат, следејќи го високиот пад на националната валута – објаснува Ролман.
Тој, сепак, е категоричен дека нема да ја напушти Бугарија, но не би советувал друг претприемач да инвестира во трудоинтензивните гранки во земјата.
– Еден од излезите од тековните проблеми во бугарската економија е да се отвораат филијали во соседните земји со подобра конјунктура на пазарот на трудот, за што и јас размислувам – вели сопственикот на „Пирин текст“.
Како пример тој ја посочува Србија, каде што, според него, условите за нови инвестиции во моментов се одлични.
– Да се преселиме во најблиската Македонија сепак е бесмислено, бидејќи земјата се соочува со истите проблеми на пазарот на трудот какви што гледаме во Бугарија – забележува Ролман.
Германскиот претприемач гледа и друг сериозен проблем: шемите за одвод на социјално осигурување системи на западноевропските држави како Велика Британија и Германија, во кои учествуваат голем број Бугари и Романци. Откако работат на тоа неколку месеци или дури само неколку недели во побогатите земји од ЕУ, некои од овие луѓе повторно остануваат без работа – поради едни или други причини.
– Многу Бугари се враќаат во татковината и добиваат најмалку една година британска помош за невработените во износ од 850 евра месечно. Оваа сума буквално ги урива понудата и побарувачката на регионалните пазари на труд. Таков е случајот со пиринскиот крај, чиј развој го набљудувам одблизу – тврди Ролман.
Во Гоце Делчев на пример има околу 3.100 невработени, кои не сакаат да работат, раскажува претприемачот. Од десет лица што Агенцијата за вработување му ги испраќа за работа во неговото претпријатие, седуммина директно му велат дека не сакаат да работат, затоа што во спротивно требало да ја загубат социјалната помош од Велика Британија или од Германија, која се исплаќа за невработени и за деца. Многу од нив се Роми.
– Во земјата има околу 700.000 инвалиди, половина од нив можат да работат, но имаме проблеми со службите за заштита на трудот. Здравствените служби пак издаваат многу лажни болнички листови. Во Бугарија плаќаме ниски даноци, но тоа не ни помага во ситуација во која не можеме да победуваме. Многу компании веќе доживуваат акутен недостиг од работна сила и се принудени да ги затвораат производствените капацитети и да трпат загуби. Во таква ситуација 10-процентниот рамен данок губи секаква привлечност и не помага во привлекувањето нови инвеститори или за задржување на оние што се принудени да запираат дел од производствените капацитети поради недостиг од персонал. Овој данок има смисла само ако има профит – заклучува Ролман.