Платите во Хрватска не пораснале во значителен износ, поради што половина од странските работници не побарале продолжување на работните дозволи
Хрватската влада издаде одобрување за продолжување на работните дозволи на 15 илјади странски работници, но од нив ова право го искористиле 7.500. Ова покажува дека Хрватска не ја напуштаат само домашните, туку тоа го прават и работниците од другите држави, пишува „Вечерњи лист“.
Последните години во Хрватска се чувствува намалување на невработеноста и драстичен пораст на квотите за странски работници, кои учествуваат со пет отсто во вкупниот број вработени во земјата. Во тек се подготовки за менување на режимот за вработување странци и во иднина нема да се одредуваат квоти, туку работните дозволи ќе се издаваат во зависност од состојбата на домашниот пазар на трудот.
Годинава околу 12 илјади фирми, кои се во потрага по слободни работници од Азија, побарале работни дозволи. Следната година во Хрватска би можеле да работат 81.600 странци, од нив 25.000 работни дозволи се продолжуваат уште за една година. Најмногу дозволи се предвидени за градежништвото, околу 24.000 и за туризмот околу 20.000. Странците мораат да работат под исти услови како и домашните работници. Но од синдикатите предупредуваат дека никој не врши контрола над работодавците, дали се почитуваат колективните договори.
– Платите во Хрватска не пораснале во значителен износ. Барем не во оној процент што се очекуваше, со оглед на големиот недостиг од работна сила. Прашање е дали има и доволно странски работници што се на располагање и се подготвени да работат за ниски плати, за кои се подготвени да работат хрватските граѓани. Секој квалитетен работник треба и добро да се плати без разлика дали е домашен или странски – вели Ива Томиќ, експертка за пазарот на трудот во Економскиот институт во Загреб.
Растот на платата во Хрватска се задржа на три отсто, а поголемо влијание имаа даночните олеснувања и зголемувањето на минималната плата. Просечната нето-плата во август изнесуваше 6.438 куни.