Хрватска
Околу 270.000 хрватски граѓани во Хрватска имаат блокирани банкарски сметки, вели статистиката на државната Финансиска агенција (ФИНА). Минатата година бројот на блокирани граѓани изнесуваше над 330.000, поради неможноста редовно да ги плаќаат ратите за кредитите, сметките за комунални услуги и телевизиската претплата на националниот сервис.
Законот за извршување во Хрватска се менувал 25 пати, но тоа не придонесе да се подобри сликата за задолжувањето на населението. Трошоците за извршување за трипати го надминуваат износот на основниот долг. Исто така и ФИНА ги зголеми своите приходи, бидејќи порано за едно извршување се наплаќало по 87 куни (околу 12 евра). Сега тоа се прави во зависност од вредноста на долгот, што значи должникот може да плати од девет до 675 евра.
Бројот на блокираните граѓани во последната година се намали, затоа што дел од овие лица се иселуваат и почнуваат да ги плаќаат долговите во татковината. Но и поради донесениот закон со кој извршувањето не се спроведува по три години од издавањето на налогот од ФИНА доколку цели шест месеци нема никаква наплата. За главниот долг и каматите хрватските граѓани денеска должат 3,2 милијарди евра. Мала можност за спас на должниците им нуди новиот Закон за стечај на потрошувачите, кој е познат како „Закон за личен банкрот“.
Ретко кој од должниците може да излезе од маѓепсаниот круг на беспарицата, долговите и каматите. Владимир Милиновиќ, во клубот на блокираните влегол како гарант на кредит на една колешка, самохрана мајка која се обидела од кредитот да се спаси со рефинансирање. По нејзиниот неуспех, целиот долг бил префрлен на Милиновиќ.
– Се извлеков благодарение на животното искуство и талентот, верните пријатели и семејство кои застанаа зад мене. Живеам во Загреб каде што можноста за заработка е поголема од другите градови во Хрватска. Многу луѓе од помалите места немаат можност да се извлечат, не можат да најдат работа и затоа луѓето заминуваат надвор – вели Милиновиќ за „Дојче веле“.
Корист од должничката криза во Хрватска извлече поранешниот судија Мислав Колакушиќ, кој освои пратеничко место во Европскиот парламент, благодарение на поддршката на блокираните граѓани. Успехот на европските избори го охрабри да ја најави и кандидатурата за следните претседателски избори. Единствено тој и партијата Жив ѕид покажаа интересирање за решавање на проблемот на презадолжените граѓани, кои заедно со нивните семејства го сочинуваат гласачкото тело од еден милион граѓани.
Социологот Ренато Матиќ смета дека е чудно и индикативно тоа што ниедна од посериозните политички опции во Хрватска не ги насочија своите активности кон придобивање на довербата на должниците.
– Кому во хрватското општество не му одговара да го реши овој егзистенцијален проблем што директно ги погодува речиси четвртина од населението. Се разбира, не им одговара на тие кои остваруваат добивка сѐ додека овој проблем е присутен. Решавањето на проблемот им е безначајно во однос на профитот на малкумина. Поради политичката незрелост во општеството, состојбата е непроменета и победуваат истите политички елити, меѓу кои и нема блокирани – вели Матиќ.