Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) ја повика Владата на Црна Гора да формира меѓусекторски тим за да подготви анализа за состојбата во областа на заштитата на личните податоци на граѓаните и да се разгледа можноста за воведување нов личен идентификациски број (ЛИБ), наместо сегашните единствени матични броеви.
Претседателката на ЦДТ, Милица Ковачевиќ, вели дека последниот случај на масовна злоупотреба на личните податоци на граѓаните била при собирањето потписи за поддршка за претседателските избори. Со ова матичниот број стана целосно незаштитен број, кој им е достапен на сите и постои можност за негова финансиска и политичка злоупотреба. Исто така, матичниот број до пред неколку години бил достапен за сите граѓани при објавување на електронската база на стопанските субјекти, на регистарот на недвижности и во други помали бази.

– Сите политички партии поседуваат копии од избирачкиот список, а има и случаи на неодговорно ракување со личните податоци во приватниот сектор – изјави Ковачевиќ.
За разлика од матичниот број, личниот идентификациски број не содржи никакви лични податоци и се состои од десет слободно избрани броеви и еден што е контролен број. Пристап до ЛИБ ќе имаат истите органи на кои им се достапни податоците за ЕМБГ, но ќе има пропишани децидни препораки за нивно чување, во согласност со европските регулативи. Постепеното воведување на ЛИБ за граѓаните во Црна Гора ќе доведе до прочистување на многубројните евиденции, кои создаваат политички проблеми, како што е евиденцијата на починати и регистарот на адреси за местото на живеење или престојување, а посебно на избирачкиот список.