Грција

Грција објави дека воведува задолжителна вакцинација против коронавирус за лицата постари од 60 години, што е драстичен чекор во борбата на земјата со сè поголемиот број заразени лица. Во исто време властите вчера најавија дека ќе наплаќаат казна од 100 евра за секое лице на возраст од 60 и повеќе години што нема да се вакцинира, и така секој месец. Мерката ќе почне да се применува од 16 јануари. Во меѓувреме грчките медиуми јавуваат дека околу 63 отсто од околу 11 милиони жители се целосно вакцинирани, а закажувањето термини за вакцинација е забрзано во изминативе недели.
– Ги насочуваме нашите напори да ги заштитиме нашите сограѓани и затоа нивната вакцинација отсега ќе биде задолжителна – изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на владина седница.
Инаку, Грција се бори со пораст на заразените изминатиот месец, при што дневниот број на нови случаи достигнуваше рекорди. Земјата од почетокот на пандемијата потврдила 931.183 случаи на инфекција и 18.067 мртви. Во Грција, на невакцинираните лица од ноември им е забранет влез во затворени простори, вклучувајќи ресторани, кина, музеи и вежбалници, не им се признава негативен тест за коронавирус.