По барање од владејачката партија ХДЗ, во главниот град на Хрватска ќе биде поставен нов споменик на првиот претседател Фрањо Туѓман
Во Загреб наскоро ќе биде поставен споменик на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман, откако пет години по даденото ветување загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ го распиша конкурсот за негово поставување. Споменикот на Туѓман ќе го изработи академскиот скулптор Кузма Ковачиќ, а ќе биде поставен на местото на сегашната пирамидата од гранит. Ова спомен-обележје е поставено 1994 година, од тогашниот градоначалник на Загреб, по повод 900 години од основањето на Загрепската бискупија и градот Загреб.
На споменикот на хрватскиот претседател ќе биде испишан цитат од затворскиот дневник на Туѓман: „Можете да ми ја земете и слободата, па и животот, но не и мислата, не и вистината, не и мојот прилог кон историјата на народот кому му припаѓам“.
Ренато Петек, советникот во градското собрание, на својот фејсбук-профил за поставување на споменикот напиша дека „градоначалникот ги исполнува желбите на ХДЗ“. Забележливо е и тоа што паметникот за Туѓман се поместува сѐ поблиску до центарот на градот, пренесе Индекс.
– Сите личности од хрватската историја требаат да заземат и да имаат соодветно место, а истото тоа се однесува и за првиот претседател на Република Хрватска Фрањо Туѓман. Но сето тоа треба да се прави во согласност со стратегијата и планот, како и за поставувањето споменици и за именувањето плоштади и улици. Доколку се работеше плански и стратегиски и Тито би имал свое место во градот – напиша Петек.
Промената на локацијата за споменикот на Фрањо Туѓман дојде по долгогодишното натегање со загрепскиот огранок на ХДЗ, кој не се согласуваше со идејата тој да биде подигнат на ливадата што сега го носи името на првиот претседател на Хрватска. Членовите на ХДЗ сметаа дека оваа локација не е соодветна и премногу е оддалечена од центарот на градот. Ставот на Бандиќ беше дека ова е одлично место, бидејќи Туѓман на оваа локација го одржал најголемиот собир во 1991 година.
Драган Марковина, во својот коментар за „Телеграм“ напиша дека подигнувањето на овој споменик е обид да се запре времето, а тој ќе заврши трагично.
– Неподготвени да се соочиме со она што ни следува, но и со сопствените лоши избори, општеството се одлучи да се сврти кон минатото и тоа на најлош можен начин. Свртувањето кон туѓманизмот, покрај тоа што беше ставен под моралното прашање, беше и целосно анахрон и спротивен со времето и во моментот кога тој се појави на сцената, а да не зборуваме за денешното време – забележува Марковина.
Парадоксално но вистинито е тоа што подигнувањето на споменикот на Туѓман во Загреб во прв ред сведочи за тоа како тој цел наратив за туѓманизмот се потроши. Работите се мошне едноставни. Кога некому или на нешто се почнува форсирано да им се подигнуваат споменици или кога ќе влезат во поставките на музеите, тоа е јасен сигнал дека тие нешта не се повеќе живи. Ова не значи дека хрватското општество и натаму не е темелно обележано со симболичкото наследство и вредностите од периодот на Туѓман, но јавна тајна е дека овој проект е целосно истрошен, а неговите резултатите се целосно поразителни – појаснува Драган Марковина.
За ова теза тој наведува неколку факти, како што се егзактните статистички показатели за неповолната демографската слика во Хрватска, за бројот на вработените и невработените, за структурата на хрватската економија, која повеќе не е производна, туку услужна и зависи во голем дел од туризмот, па до состојбата на здравствениот и пензискиот систем. Без оглед што целиот наратив за туѓманизмот почива на идејата за 200 богати фамилии и за укинување на општествената сопственост, тој за мнозинството граѓани на Хрватска е погубен, заклучува во својот коментар Драган Марковина.