Периодичните препирки меѓу хрватските и српските политичари им служат на властите во двете земји
Политичарите во Хрватска и во Србија продолжија со „вербалната војна“, која почна минатата недела, кога официјален Загреб му забрани влез на српскиот министер за одбрана Александар Вулин, поради користење недипломатски речник. По ова следуваше контрамерка од српската влада, која, исто така, го прогласи хрватскиот министер за одбрана за непожелна личност. Низата меѓусебни надмудрувања ја продолжија и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
Историчарот Чедомир Антиќ за „Фонет“ смета дека одговорноста за повремените исчекори во односите меѓу Хрватска и Србија главно ја носат политичките елити во Хрватска, но политикологот Милош Ќириќ посочува дека ова претставува фингиран судир, кој периодично се повторува и им служи на властите во двете земји. Антиќ вели дека хрватските политичари мораат да се докажат пред избирачите, а за српските Хрватска претставува најбезопасна и најдобра шанса на неа да се покажува извесна доза патриотизам.
– Ние имаме и министер задолжен за тоа, кој дејствува сериозно само во хрватската јавност – оценува Антиќ, по одлуката на Загреб на министерот за одбрана на Република Србија, Александар Вулин, да му се забрани влез во Хрватска.
Меѓутоа, Ќириќ смета дека вина за односите со Хрватска има и претходната власт во Србија.
– Ние во периодот по т.н. демократски промени имавме шанса да се решиме од ова зло на говор на омраза и нетрпеливост кон Хрватите, Албанците, Бошњаците и другите, но нашите демократски власти не го направија тоа. Наместо тоа, тие јаваат на националистичкиот наратив – вели Ќириќ.
Двете држави се соочуваат само околу симболите и идентитетот, а проблемот е во тоа што за ова прашање не се на исто ниво. Србија полека излегува од приказната за идентитетот, а Хрватска дури сега влегува во неа. Во Хрватска се чувствува голема загуба, која потекнува од големите очекувања. Хрватска ќе мора да ја надмине сегашната состојба или ќе се соочи со сериозни кризи и проблеми заклучува Антиќ.
– Просечната плата во Хрватска од 2013 до 2017 година падна од 44 на 37 отсто од европскиот просек. И кој е виновен за тоа? Тоа е сосема јасно. Бидејќи ги нема повеќе Србите, виновни се некои Хрвати. Но кога е потребно единство во националното движење, тогаш тоа е Србија – вели Антиќ.
За разлика од него, Ќириќ смета дека станува збор за културен модел во двете општества, мислењата што преовладуваат кај нив и начинот на кој се реагира.
– Ние повеќе се потпираме на тоа што го работат политичарите, на нивната политика и на нивниот начин на размислување, кој секогаш е во националистичкиот клуч. Тоа е истовремено и чувство на параноја и комплекс на висока вредност, што секогаш дејствува како отров за општеството – нагласува Ќириќ.
Хрватскиот премиер Пленковиќ изминатиот викенд изјави дека Србија и Хрватска се два света и забележа дека изјавата на Дачиќ дека „Загреб ќе добие дипломатска војна ако го сака тоа“ е непримерна реторика, пренесе Хина.
– Погледнете ја реториката на мојата влада од изборите досега. Кога ние односите со Србија ги користевме како некаков аргумент за внатрешнополитички расправања. Мислам дека на тоа не може ни да се сетите. Во Хрватска не можете да видите како пратеник го сквернави српското знаме. Во оваа приказна не сме исти со Србија, како во 1990-тите, така и сега и во иднина – изјави Пленковиќ.
На ова брзо следуваше одговор од Ивица Дачиќ, кој остро забележа дека Србија не е иста со Хрватска, затоа што Србија не била на страната на Хитлер и не вршела холокауст над Евреите.