Хрватска и официјално го презеде претседателството со Советот на ЕУ, а нејзините четири главни приоритети во наредните шест месеци ќе бидат: Европа што се развива; Европа што поврзува; Европа што штити и Европа што е влијателна.
– Проширувањето на Европската Унија и брегзит ќе бидат приоритети на Хрватска за време на нејзиното шестмесечно претседавање со Унијата – изјави шефот на хрватската дипломатија Горан Грлиќ Радман. Хрватска, која е најмладата членка на ЕУ, има „многу работа и важна задача за да овозможи исполнување на интересите на земјите-членки, особено во врска со организацијата на нивните односи со Британија“, пренесе Радио Слободна Европа.
Во врска со проширувањето, тој изјави дека „и покрај големите очекувања на земјите-кандидати, Загреб ќе го поддржи она што е реално и можно“.
– Процесот на придружување во Унијата не се случува во еден ден, ние работевме многу за да ги постигнеме стандардите – рече тој.
За време на хрватското претседателство, во Брисел ќе се одржат околу 1.400 состаноци на сите нивоа. Ќе се одржи и еден самит во Хрватска за да се соберат премиерите и претседателите на ЕУ, околу 20 состаноци и конференции на министерско ниво и околу 200 состаноци на техничко и стручно ниво.