Во Турција заврши спасувачката операција по земјотресот во петокот, во кој загинаа 41 лице. Акцијата беше стопирана откако службите за итни случаи го пронајдоа телото на последното лице по кое се трагаше под урнатините, пренесува „Ројтерс“.
Земјотрес со јачина од 6,8 степени ја погоди провинцијата Елазиг во петокот вечерта, околу 550 километри источно од Анкара, како и соседна Малатија.
Повеќе од 1.600 лица се повредени, од кои 86 се наоѓаат во болниците, но ниту едно не е во животна опасност.
Властите ги предупредија жителите да не влегуваат во оштетените згради, поради опасност од рушење и нови потреси, па многумина утрово останаа на отворено.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу рече дека владата ќе обезбеди финансиска помош на луѓето чии домови биле оштетени. Ќе се градат околу 1.000 привремени куќи, а некои училишта и џамии во моментов се користат како засолништа. Досега 45 лица се спасени под урнатините.
Министерот за урбанизација, Мурат Курум, рече дека властите почнале со рушење на 22 оштетени згради во Елазиг, а изградбата на 2.000 нови домови ќе биде завршена до крајот на годинава.