Последните податоци за бројот на кандидатките за градоначалници и за советнички листи на локалните избори во Косово и во Македонија покажуваат дека политиката сѐ уште е претежно „машка професија“. Бројот на избрани жени градоначалници само ја потврдува ваквата неповолна родова слика во локалните самоуправи во земјите од регионот
Жените во земјите од Западен Балкан се соочуваат со голем број предизвици и бариери на патот за постигнување родова рамноправност, а најтешкиот дел за нив е постигнување рамноправна застапеност во именувањето и кандидирањето за високи политички функции. Последните податоци за бројот на кандидатките за градоначалници и за советнички листи на локалните избори во Косово и во Македонија покажуваат дека политиката сѐ уште е претежно „машка професија“. Бројот на избрани жени градоначалници само ја потврдува ваквата неповолна родова слика во локалните самоуправи во земјите од регионот.
Во Албанија од 61 општина во осум има жени градоначалници, додека во Србија од 169 локални самоуправи 22 се водени од жени. Во Македонија има шест градоначалнички. Во Босна и Херцеговина од 142 општини, жени градоначалници се три, а во Црна Гора две општини се водени од жени од вкупно 24 општини. На локалните избори во Косово, закажани за 17 октомври, тринаесет жени ќе се обидат да бидат избрани за оваа функција од вкупно 38 општини. Наспроти нив, мажите учествуваат со 159 кандидати за градоначалници.
Обединетите нации го оцениле рамноправното учество на жените во политичкиот и јавниот живот како клучен фактор за одржлив развој до 2030 година. Каква е положбата на жените на Балканот во политиката на светската листа од 149 земји, покажува извештајот за 2018 година за глобалниот јаз меѓу половите, направен од Светскиот економски форум. На оваа листа Словенија е на 22-то место, Хрватска на 62-то, БиХ на 33-то место, Србија на 37-то, Црна Гора на 83-то место, Македонија на 45-то и Албанија на 34-то место.
Со Законот за општите избори во Косово политичките субјекти се обврзани на своите листи да имаат минимум 30 отсто жени. Според податоците на Косовскиот демократски институт, на локалните избори во 2013 и 2017 година до Централната изборна комисија биле предадени листи за над 400 кандидати, но на нив биле помалку од еден отсто се жени.
Еуген Цаколи од Косовскиот демократски институт вели дека во Косово традиционално гласаат голем број жени, кои носат дел од „вината“ зошто жените лошо поминуваат на изборите.
Во Косово е во сила Законот за родова рамноправност, кој предвидува еднаква застапеност на двата пола што се однесува на изборните листи на кандидатите. Ваљеза Зогљани од Демократија за развој вели дека партиите главно ја почитуваат минималната квота од 30 отсто застапеност на жените во парламентот. Од оваа организација побараа еднаква застапеност на жените и на мажите во изборниот процес во Косово, но и еднаква распределба на буџетите за предизборните кампањи. Косовските политичарки речиси и да немаат никаква финансиска поддршка од своите партии, а 75 од анкетираните изјавиле дека не добиваат никаков надомест на трошоците за гориво во текот на изборните активности, додека 25 отсто од жените имаат пристап до партиските возила во текот на кампањата, пишува Радио Слободна Европа.
Од 1999 година до денеска само една жена успеала да биде на чело на една локална самоуправа, а тоа е Мимоза Кусари Лила, која на локалните избори во 2013 година победи на локалните избори во Ѓаковица. Таа во претходните изјави за РСЕ оцени дека голем број жени не можат да дојдат до израз во политичките партии, наспроти стручноста и образованието. Меѓутоа, според неа, има жени што едноставно не сакаат да бидат во изборната трка и на раководни позиции.
– Важен фактор, кој го одразува родовиот јаз во политиката, не е само недостиг од финансии за политичарките во текот на предизборната кампања, туку генерално отсуство на поддршка на политичките партии за политичко засилување на жените. Во студијата што ја направивме, жените забележуваат на недостиг од поддршка во своите политички партии, а тоа ги демотивира да се занимаваат со политика – вели Ваљеза Зогљани.
Државната изборна комисија на Македонија ги објави поднесените кандидатски листи за претстојните локални избори во земјата. Според статистиката, само 8,68 отсто од кандидатите за градоначалници се жени. Дури 91,32 отсто од кандидатите се мажи. Ситуацијата со родовата застапеност е подобра кога станува збор за кандидатите за советници, но и во оваа категорија доминираат мажите. Од кандидатите за советници, 55,13 отсто се мажи, додека 44,87 отсто се жени.