Став на американскиот Стејт департмент
„И Албанија и Македонија донесоа тешки, суштински реформи, и двете заслужуваат да напредуваат на нивниот пристапен пат кон ЕУ“, го пренесува „Гласот на Америка“ соопштението на Стејт департментот.
Во информацијата се пренесува ставот дека за САД е клучно ЕУ да се придржува до нејзините заложби, а тоа значи да ги отвори пристапните преговори и со Македонија и со Албанија, без одложување.
– И Албанија и Македонија донесоа тешки, суштински реформи, и двете заслужуваат да напредуваат на нивниот пристапен пат кон ЕУ – изјавил портпаролот на Стејт департментот. Во исто време „Гласот на Америка“ побарал мислење дали САД планираат да воведат санкции кон Бугарија доколу ја задржи истата позиција и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември во Брисел.
– Охрабруваме решение на ќор-сокакот што е можно побрзо за да се поттикне напредок на потребните реформи и економски развој на регионот на Западен Балкан. САД остануваат одблизу ангажирани со нашите европски партнери во однос на ова прашање – се вели во одговорот на прашањето од страна од Стејт департментот.
Оттаму додаваат дека „процесот на проширување на ЕУ промовира мир, стабилност, демократија и просперитет во регионот и непотребни одложувања го обесхрабруваат целиот регион. Инаку, бугарската влада пред неколку дена, соопшти дека нема да го тргне ветото за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, но, оти е подготвена да даде зелено светло за Албанија. Таа рече дека нема да отстапи од декларацијата на бугарскиот парламент од 2019 година, со која, меѓу другото, се негира постоењето на македонскиот јазик.
Подготвил: Дејан Србиновски