Поради директивата на Европската Унија, околу 75.000 домаќинства во Хрватска ќе мора да ги заменат гасните турбобојлери. Министерството за економија на Хрватска барало од Европската комисија одложување на примената на директивата, додека не се пронајде модел за финансиски прифатливо преминување на кондензациска технологија.
Ова барање било ставено на разгледување од ЕК, но не се знае дали ќе биде одобрено. Не се знае и тоа дали Хрватска, како и некои други земји претходно, на своите граѓани ќе им исплатува субвенции за преминување на енергетски ефикасни бојлери. ЕУ во 2013 година донесе директива со која на пазарите не е дозволено продажба на гасни турбоуреди за загревање вода, како и за производство на делови за нив.
Во Хрватска во употреба се 75.000 гасни бојлери, а најмногу ги има во Загреб и во Осиек, пишува „Нови лист“. Новите кондензациски апарати задолжително се вградуваат во новите станбени објекти од 2015 година.