Околу 80 отсто од граѓаните се незадоволни од актуелната состојба во земјата и сакаат поинаква Босна и Херцеговина
Помина една недела од изборната кампања за парламентарните избори, а граѓаните на Босна и Херцеговина ја гледаат репризата од настапите на челниците на националните партии што користат реторика за поттикнување војна. Очекувано, нивните настапи се проследени и со истите ветувања наместо да предложат конкретни програми за вработување и за развој на економијата во земјата. И во оваа кампања се забележува тоа дека главните политички ривали Бакир Изетбеговиќ и Милорад Додик се добро уигран тандем кога станува збор за политичката пропаганда.
Лидерот на СДС, Изетбеговиќ, беше главниот спасител на Додик во 2016 година, кога попушти пред неговите барања за гласањето за механизмот за координација и кога се деблокира аранжманот со ММФ, со кој се овозможи консолидација на буџетот на Република Српска, се посочува во текстот на „Дневни аваз“.
Есад Бајтал, политички аналитичар, вели дека во изборните кампањи во БиХ владее истиот тренд од изборите во 1990-тите години, а политичките елити се однесуваат како постојано да се одржуваат избори секоја година. Неговите процени се дека резултатите на претстојните избори можат да бидат поинакви од претходните поради тоа што граѓаните сѐ повеќе препознаваат каде води политиката што се провира со децении. Но тоа, за жал, не е производ на демократската логика.
– Граѓаните станаа свесни затоа што се сѐ погладни. Па граѓаните почнаа да „размислуваат“ од стомакот. Тоа е парадоксално, нешто што модерниот, демократски и цивилизиран свет не го познава. Меѓутоа, сиромаштијата, измамите, лагите, грабежот и ветувањата почнаа да дејствуваат врз граѓаните, кои сѐ помалку имаат за егзистенција. Тие почнуваат да сфаќаат како им се сервира некоја „вистина“, како се лажени и како грабежите и криминалот се легализираат – објаснува Бајтал.
Токму затоа, констатира Бајтал, партиите што се на власт со години немаат шанса да ја добијат довербата од граѓаните на изборите на седми октомври.
– Владејачките етногрупации, етнополитички структури, поради оваа огорченост и големото незадоволство на граѓаните немаат никакви шанси да ги добијат следните избори – вели тој.
Затоа, кај граѓаните во БиХ преовладува стравот дека политичките партии на власт ќе се обидат да ги фалсификуваат изборните резултати.
– Владејачките партии нема да ги добијат изборите и тие ќе изгубат само доколку бидат спречени во кражбата на гласовите. Партиите што одбија да се воведе електронска контрола на гласањето, пред сѐ СНСД и ХДЗ, јасно порачуваат дека одат на оваа карта – смета Бајтал.
Во периодот пред изборите меѓународната заедница постојано ги повикуваше граѓаните да излезат на избори, а презеде и активности што повеќе да се обезбедат услови за фер и регуларни избори. Според, анкетите околу 80 отсто од граѓаните во БиХ се незадоволни од актуелната состојба во земјата и сакаат поинаква Босна и Херцеговина.