Со договорот во Дејтон веќе се воспоставени етничките темели на државата, а во Босна и Херцеговина отсуствуваат принципите на граѓанска демократија, вели новинарот Владо Вурушиќ
Во Босна и Херцеговина политичката трговија е повторно на дневен ред, а политичките претставници на хрватската и на српската заедница прават договори околу Изборниот закон и членството во НАТО. Етничката демократија не функционира, државните институции се блокирани, со што дополнително се дестабилизира земјата. Ова го изјави Владо Вурушиќ, новинар и добар познавач на политичките случувања во БиХ, во интервју за „Дојче веле“.
Во овој момент во тек се големи превирања на босанско-херцеговската политичка сцена. Хрватската демократската заедница за БиХ, како најсилна партија на Хрватите, сака да го промени Изборниот законик. Партијата за демократска акција (СДА), како најголема партија кај Бошњаците, се противи на оваа иницијатива. Во третата најјака партија, која е од српската етничка заедница Партијата на независните социјалдемократи, се рамнодушни во поглед на прашањето за измена на изборното законодавство. Меѓутоа, има извесни потези со кои би се формирала некоја неформална коалиција меѓу ХДЗ и СНСД, а за возврат лидерот на босанските Срби Милорад Додик би добил прикриена поддршка во противењето на неговата партија БиХ да влезе во НАТО, се констатира во текстот на „Дојче веле“.
– Апсурдно е претседател на државата, во овој случај Милорад Додик, со години да говори дека оваа земја не ја доживува како своја татковина. Постојано говори за референдум за одвојување на Република Српска, за тоа дека БиХ е нефункционална држава и сега судирот меѓу Хрватите и Бошњаците го искористува за остварување на неговите тези. Тој го отвори и прашањето за трет, хрватски ентитет во БиХ, но притоа не мислеше на Хрватите што живеат во ентитетот Република Српска. Ова е невозможно без промена на договорот од Дејтон. Во исто време кога Драган Човиќ зборува за интересите на Хрватите во БиХ, очигледно тој мисли на ХДЗ-БиХ и само на Хрватите во Западна Херцеговина. Приказната околу НАТО засега е недоволно истражена и не е јасно за што се работи – вели новинарот Владо Вурушиќ.
Предлогот на ХДЗ за БиХ со промена на изборното законодавство е секој народ сам да го избира својот претставник во тричленото Претседателство на БиХ, за да се исклучи можноста како на последните претседателски избори гласовите од бошњачката заедница да бидат пресудни за изборот на хрватскиот претставник.
– Ова би значело зацементирање на етничкиот принцип при изборот на сите политички претставници во БиХ, кои се веќе воспоставени со договорот во Дејтон. Со него веќе се воспоставени етничките темели на државата БиХ. Оттогаш е воведена т.н. „етничка демократија“, а не принцип на граѓанска демократија – забележува Вурушиќ.
Новинарот Вурушиќ во интервјуто за „Дојче веле“ дава поширока слика за политичките околности во БиХ. Според него, Милорад Додик станал централен руски играч на Балканот, чија цел му е јакнење на позициите на Република Српска. За разлика од Хрватите и Србите, Бошњаците немаат некоја резервна татковина и поддршката ја бараат во Турција. Целта на бошњачките политички водства е зачленување на БиХ во НАТО, на што се противи Додик. НДЗ за БиХ се залага за трет ентитет, а тоа би претставувало последен чин за БиХ да постои како единствена држава.
Во сето ова, Брисел моментално се соочува со големи проблеми, а во Европа јакнат дезинтегративните фактори и партиите од политичката десница. Во интерес на Европската Унија е земјите од Балканот да му се придружат на европското семејство, но за тоа недоволно се ангажира, поради неединството на земјите-членки околу ова прашање, заклучува Вурушиќ.