Специјалниот пратеник на САД во посета на БиХ
Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, денеска имаше одвоени средби со членовите на претседателството на БиХ, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и со Шефик Џаферовиќ, при неговата посета на БиХ.
Џаферовиќ откри дека „не се занимавал со Додик“ на средбата со американскиот дипломат, туку оти му кажал дека блокадата на босанските институции е неприфатлива. Тој побарал и да се финализира заклучувањето на договорот за државната граница со Србија и со Хрватска, како што пренесуваат српските медиуми.
Додик, пак, му понудил на Ескобар, кој е и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, сите оние кои „ѕвечат со оружје“ да бидат предмет на интервенција на меѓународните сили.
– Никој не може војната да ја земе за опција за решавање на какви било прашања во БиХ – кажа Додик на прес-конференцијата по разговорот со Ескобар.
Жељко Комшиќ истакна оти Ескобар му потврдил дека Дејтонскиот договор бил и ќе остане извор на американската политика во БиХ.
– Се што се однесува на Дејтонскиот договор, а САД се потписнички, нема да биде променето без согласноста на САД – нагласи Комшиќ.
Ескобар, за време на неговата посета на Сараево и на Бања Лука, ќе се сретне со раководството на парламентот на БиХ, а беше истакнато и дека ќе се разговара за прашања поврзани со корупцијата, како и оти американскиот дипломат ќе ги повика босанските политичари да се вратат на дијалогот.