Косово
Известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, му порача на претседателот на Косово, Хашим Тачи, да размисли двапати дали е мудро да ја распушти актуелната влада.
– Во кризно време е потребна функционална влада. Не играјте си со Уставот додека народот умира. Тоа е мојот совет – напиша Виола фон Крамон на својот профил на Твитер.
Таа ја поздрави одлуката на приштинската влада за укинување на таксите за производи од Србија и од Босна и Херцеговина. Официјален Белград изрази незадоволство од ваквата делумна одлука, зашто, како што информираат српските медиуми, Приштина високите царини ги заменила со реципрочни мерки.
Во меѓувреме, претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека досега нема добиено покана да се јави пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, во својство на обвинет, како еден од основачите и водачите на поранешната Ослободителната војска на Косово.
Во интервју за телевизијата Т7, Тачи рече дека не може да предвиди дали ќе биде повикан во Хаг, но потврди дека доколку добие покана, секако ќе одговори на неа, како и неговите соборци од ОВК.
– Бев интервјуиран, во случајот на господинот Фатмир Лимај и господинот Рамуш Харадинај, во Хаг, потоа во Косово повторно во случајот на Лимај, како и за еден случај во врска со претендирани воени злосторства. Одговорив позитивно, бев интервјуиран, се затвори испитувањето во својство на сведок – изјави Тачи.
Тој нагласи дека, и доколку биде повикан од меѓународниот трибунал како осомничен за воени злосторства, нема намера да даде оставка од функцијата претседател на државата.