Босна и Херцеговина
Секоја страна во Босна и Херцеговина го кажува својот дел од приказната и избегнува да се соочи со фактите што се однесуваат на настаните од последната војна
По минатогодишните промени во учебниците за историја за учениците во основните училишта во Република Српска, од септември 2019 година, во редовната настава учениците од средните училишта ќе ги изучуваат и настаните од војната во 1990-тите години. Истите учебници по овој предмет ќе бидат во употреба и во Србија. Усогласувањето на наставните планови и програми меѓу Република Српска и Србија е во согласност со меморандумот за соработка од 2010 година, што беше потпишан од двете министерства за образование.
Во новите учебници ќе има повеќе лекции за Втората светска војна и за страдањето на Србите во Јасеновац. Учениците ќе се запознаваат и со бомбардирањето на Србија во 1999 година, а особено е спорен делот за изучување на настаните во војната во Босна и Херцеговина, за кој нема единствен став во земјата, но и во околните држави, пишува Радио Слободна Европа.
Директорот на Републичкиот педагошки завод на Република Српска, Предраг Дамјановиќ, вели дека од војната во 1990-тите ќе бидат претставени настаните од распадот на Југославија до настанувањето на ентитетот.
– Нема ништо спорно да се изучува поновата историја, а тоа се прави и во учебниците во Федерацијата на БиХ, но со негативна конотација на српскиот народ. Ние нема да го правиме тоа, никого нема да навредуваме и да етикетираме. Учениците ќе се информираат само за тоа што се случило, на начин што ќе го предложат историчарите – вели Дамјановиќ.
ОБСЕ, под чиј мониторинг се водат реформите во образованието во БиХ, ги стави под ембарго темите од 1990 година, затоа што истражувањето на историските теми подразбира научно анализирање и договор, вклучувајќи и договор за користење на изворите на информации.
Со одлука на Министерството за образование, наука и млади во кантонот Сараево се предвидува децата во деветто одделение дополнително да учат за четири наставни единици: Опсада на Сараево и нејзиниот воено-политички аспект, Опсадата на Сараево и загрозување на хуманитарното право, Етничкото чистење, воени злосторства и злосторства против човештвото во БиХ 1992-1995 година и Геноцидот во Сребреница. Настаните од војната од 1992 до 1995 година се содржани и во учебниците по историја во Зеничко-добојскиот, Тузланскиот кантон и во Унско-санскиот кантон.
Академикот Миодраг Живановиќ, кој учествувал во анализа на наставните планови и програми од националната група на предмети во БиХ, вели дека изучувањето на настаните во 1990-тите години е многу чувствително прашање, затоа во земјата постојат најмалку три, а можеби и пет вистини за исти настани.
– Секоја политичка елита од трите народи има своја вистина, која е спротивна на другите две. Постои и вистина за иселените и раселените лица, која е нешто поинаква, а на крајот е и вистината на меѓународната заедница. Не верувам дека во некој краток период ќе дојдеме до приближување на сите овие вистини – смета Живановиќ.
Вахид Шеховиќ, претседател на Форумот на граѓаните на Тузла, вели дека не може да се прифатат три вистини за воените случувања во БиХ. Во основа станува збор за три полувистини, кои се пласираат пред младите генерации и создаваат уште подлабоки поделби, што создава негативни претпоставки за иднината на оваа земја.
– Логично е да постои една вистина, но овде се бега од вистинското соочување со фактите со кои би се дошло до вистината, која нема да биде предмет на емоции или доживувања. И тогаш таквата историја им се пренесува на младите, што е опасно за иднината и создава поинаква слика за оваа држава и за тоа сето она што се случувало – објаснува Шехиќ во разговор за Радио Слободна Европа.
Историчарката од Србија, Дубравка Стојановиќ, која беше и уредничка на српското издание на проектот „Мултиперспективна историска читанка“, која наместо една вистина, нудеше видувања од различни страни за случувањата во 1990-тите, смета дека државите во регионот продолжиле да војуваат во учебниците по историја и го кажуваат само својот дел од приказната. Во тој контекст го гледа и обединувањето на наставните програми за изучување на војната во Србија и во Република Српска.
– Оваа информација ја гледам како дел од едно враќање на идеологијата на последната војна, враќање на говорот од тие времиња, враќање кон заканите во тие војни како еден сегмент од вкупното влошување на односите во БиХ и во регионот – вели Стојановиќ.
Посебен проблем, како што наведуваат аналитичарите, е што овие делови од историјата ги предаваат наставници и професори, кои не ја изучувале историјата од 1990 година, затоа што таа не се предава на катедрите за историја на факултетите во БиХ. Недостигот од валидни извори и од значајни истражувања за воените дејства доведува до продлабочување на поделбата меѓу народите во БиХ, се заклучува во текстот на Радио Слободна Европа.