Политичките елити во Србија и во Хрватска се заглавени во непресушната кал на национализмот или шовинизмот, што се покрива со божемен патриотизам и родољубие. Кога ќе дојде период на избори, талогот на српско-хрватското (не)разбирање испливува на површина. Така е и во последните месеци, додека се загрева кампањата за претседателските избори во Хрватска, кои ќе се одржат следната недела. Изборните настапи на тројцата главни претседателски кандидати се полни со пораки за иднината, но неизбежно се чепка и во минатото, со препознатливите аргументи за Јасеновац, НХД и за усташтвото. Србија, последниот период, се тресе за аферата „Крушик“ и продажбата на оружје, за лажните министерски дипломи и препишани докторати, за одгледувањето на марихуана со државни субвенции… Во такви околности нема поприродна политичка состојба за политичарите од двете земји да се потпираат на национализмот за да ја придобијат домашната јавност, пишува меѓу другото во текстот објавен на сајтот на Ал џезира.

– За разлика од Германците и Французите, кои своите антагонизми, воени судири, омраза и заемни жртви, цивилизациски ги надминаа и им ги препуштија на историчарите десет години по Втората светска војна. Србите и Хрватите, од престанувањето на војната во 1990-тите години, не можат сериозно да тргнат напред – заклучува аналитичарот Велимир Илиќ.

Тој во својот авторски текст потсетува на сите досегашни обиди за релаксирање на српско-хрватските односи, со манифестирање добра волја на првите средби на претседателите на двете земји. Во остварување на оваа цел најдалеку отидоа Иво Јосиповиќ и Борис Тадиќ, кои на првата средба во Опатија дадоа „завет“ дека идните односи на Хрватска и на Србија ќе се градат на „принципите на европското партнерство“.

– Во меѓувреме, инцидентно Белград и Загреб стратегиски ќе испратат пораки за мир, но тие веднаш се совпаѓаат од дневнополитичките потреби за истакнување на различноста, сопствената важност и вредност. И така до следните избори. Таканаречените политички елити во Србија и во Хрватска ќе креваат врева за европските вредности, а ќе се полеат заемно со слатка водичка на национализмот, популизмот, шовинизмот, како споени садови во кои постојано, според потребите, се дотура, претекува и истура – забележува Илиќ во анализата на Ал џезира.