Црна Гора, која своевремено се претставуваше и како еколошка држава, доцни со изградба на соодветна инфраструктура за полнење на електромобилите
Бројот на електрични возила во Црна Гора изнесува 0,045 отсто од вкупниот број регистрирани возила во земјата. Во оваа земја има 24 илјади регистрирани возила, од нив десет отсто се произведени пред 1992 година и не ги задоволуваат ни еколошките стандарди еуро 1. Возилата со еуро 6 стандард, кои мораат да ги задоволат строгите норми на емисијата на штетни гасови, се произведени од 2014 година и тие учествуваат со девет отсто од вкупниот возен парк во ЦГ. Околу 26 отсто од возилата се постари од 20 години, а 414 автомобили се постари од 40 години.
Бројот на електричните автомобили во Европа постојано расте, а државите со голем број мерки ја поттикнуваат нивната продажба, како што е укинување на данокот при купувањето, бесплатни регистрации и паркинг, одобрување попуст од 50 отсто за патарини на автопатиштата и за траектите.
Од Министерството за економија на Црна Гора не одговорија на прашањата на весникот „Вијести“ за тоа дали и кога се планираат да се одобрат стимулативни мерки за користење електрични автомобили, што е една од мерките на Парискиот договор против глобалното затоплување.
Црна Гора, која своевремено се претставуваше и како еколошка држава, доцни со изградба на соодветна инфраструктура за полнење на електромобилите. Новите видови автомобили на електричен погон можат со едно полнење да поминат поголемо растојание, а сопствениците (туристите) повеќе не ги користат само за кратки релации, туку и за заминување на долги патувања и на годишни одмори. Полнењето на електромобилите е можно само во Порто Монтенегро, во населбата Луштица и на Свети Стефан.
За да можат туристите да ги користат електромобилите во Црна Гора мораат да бидат сигурни дека ќе има доволно места каде што ќе може да се наполнат батериите. Стандардот во развиените земји е една станица за електрично полнење на автомобилите да биде на растојание од 50 до 100 километри, пишува „Вијести“.
Хрватска формира фонд за поттикнување на граѓаните за купување електрични автомобили, а во ланскиот буџет за оваа намена се предвидени 1,6 милион евра.