Доколку се пронајдат нафта и гас во црногорскиот дел на морето, Црна Гора ќе зема меѓу 62 и 68 отсто од нето-профитот
Истражувањето на резерви на нафта и гас под морското дно, кое почна минатата година, би требало да ги покаже првите резултати следната година. Во првиот квартал во 2020 година се очекува и првото дупчење во црногорскиот дел од морето, кое ќе покаже дали на тој дел во Јадранско Море има нафта и гас. Црна Гора на странските компании им издаде концесии за откривање нафта, со што им се приклучи на другите земји од јадранскиот регион, кои од порано имаат одобрено поставување нафтени платформи. Во Јадранско Море има околу 1.500 нафтени дупчења, а најголемиот број се во Италија, Хрватска и Албанија.
Директорот на црногорската Управа за јагленоводород Владан Дубљевиќ вели дека концесионерите се италијанско-рускиот конзорциум „Ени-Новатек“ и грчката компанија „Енерген“, кои досега извршиле 3Д геофизичко снимање под морското дно. Со ова истражување е откриена најмалку една геолошка формација во морето во кое е можно да има нафта и гас, по што на ова место ќе се почне со дупчење.
– Првото истражувачко дупчење ќе биде надвор од територијалните води на Црна Гора, на околу 22 километри од брегот – вели Дубљевиќ, за „Дојче веле“.
Потрагата за нафта и гас беше проследена и со протести на еколошките организации во сите држави што излегуваат на Јадранско Море. Во Црна Гора минатата година еколошките друштва одржаа протестен марш во кој го препешачија целиот морски брег, долг околу 300 километри. Со ова сакаа да ја алармираат јавноста за штетните последици од истражувањето на нафтените резерви во морето.
Мирсад Кургаш од мрежата „СОС за Монтенегро“ вели дека целата постапка за пронаоѓање нафта се одвива во тајност.
– Поголемиот дел од документацијата што се однесува за истражувањето на нафта и гас е прогласена за државна тајна. Некои институции, како Институтот за биологија, прво беа против овие истражувања во морето, а сега наклонето гледаат на тоа. Тие се и најодговорни за ваквата состојба – смета Кургаш.
Тој потсетува на фактот дека другите земји се откажуваат од потрагата за нафта на овој начин, за што ги наведува и случаите од еколошката катастрофа при излевањето нафта во Мексиканскиот Залив пред осум години. И Норвешка се одлучила за радикален пресврт во оваа област и ќе се откаже од „нафтеното рударство“.
– Во светот нема пример кога концесиите се издадени за истражување близу морскиот брег. Црна Гора е подложна на земјотреси, а дупчењата за нафта во морето само ќе го засилат тоа – предупредува Кургаш.
Тој посочува на искуството на Италија, која немаше корист од нафтените платформи. Подрачјето на северниот дел од морето е целосно уништен, додека на југот мораа да воведат рестрикции во дупчењето на морското дно.
Еколозите тврдат дека ова истражување е погубно не само за билниот и животинскиот свет во морето, туку и за вкупното население, кое се занимава со рибарство. Рибарите сметаат дека т.н. сеизмички бомбардирања, се штетни затоа што го прекинуваат синџирот за исхрана во морето, со уништување на планктоните и ракчињата.
Дубљевиќ како контрааргумент го наведува примерот со Норвешка, која е петти производител на нафта во светот, а примарна стопанска гранка им е рибарството.
– Тоа кажува дека е можно индустријата за нафта да коегзистира со другите стопански гранки. Иако сите ризици од ваквите искажувања се минимални, ќе бидат преземени сите мерки за заштита на околината, што е наш апсолутен приоритет – вели тој за „Дојче веле“.
Доколку се пронајдат нафта и гас во црногорското море, Црна Гора ќе зема меѓу 62 и 68 отсто од нето-профитот. Планирано е да се формира и нафтен фонд, кој ќе служи како финансиска резерва за идните генерации. Норвешкиот фонд пред две години достигна рекордна вредност од илјада милијарди долари, преку кој се контролираат 1,3 отсто од сите акции во светот.