Идната недела би можела да биде закажана седница на Претседателството на Босна и Херцеговина, на која би можела да се најде точката за именување на Зоран Тегелтија за претседател на Советот на министри.
Претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, по враќањето од Брисел каде што престојуваше со другите двајца претседатели од хрватската и од бошњачката заедница, ја пренесе пораката на европската администрација за брзо формирање на власта на сите нивоа во земјата, а пред сѐ на изборот на Советот на министри.
– Важно е другите двајца членови да се согласат за одржување на седницата. Кога ќе се изјаснат за тоа, јас ќе ја свикам седницата кој било ден – изјави Додик.
Блокадата за формирање на власта на ниво на БиХ дојде откако партиите јавно порачаа дека Тегелтија, кој е предложен од партијата на Додик, нема да биде именуван за претседател на Советот на министри додека не ја прифати одлуката на Претседателството на БиХ во врска со Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО, пишува „Независне новине“. Ставот на ентитетот Република Српска е дека треба да се биде воено неутрален, што се поклопува со позициите на Србија во врска со членување во Северноатлантскиот сојуз, пренесе Срна.
„Импресивно е да се сведочи како новите членови на Претседателството ги оставија на страна разликите и настапија обединето на првата заедничка средба со европските службеници“, напиша на Твитер шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ Ларс-Гунар Вигемарк.
Институциите на Федерацијата на БиХ од вчера се во целосна финансиска блокада, затоа што не може да стапи во сила усвоениот буџет за 2019 година, што беше усвоен во Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ, а за тоа е потребно да помине на гласање и на Домот на народите, кој сѐ уште не е конституиран.