Во Србија расте бројот на граѓаните кои се принудени да извршуваат две работи за да можат да ги покријат своите месечни потреби
Околу 200 илјади лица во Србија работат на две места за да можат да ги надополнат месечните приходи што се потребни за основна егзистенција. Во последните десет години овој број се зголемил за 80 отсто, што Србија ја става на врвот на листата според порастот на работниците кои остваруваат дополнителна заработка. Ова се податоците кои се објавени од Европската статистичка агенција и покажуваат дека порастот се однесува на вработените во старосната група од 15 до 64 години. Покрај ова, Еуростат посочува дека во Србија има сѐ повеќе луѓе кои се подготвени да работат две работи, отколку во Австрија, Белгија и Црна Гора.
Месечната потрошувачка кошничка на просечен српски жител е поголема од неговата просечна заработувачка. Во април годинава, потрошувачката кошничка изнесувала 71.831,24 динари, а минималната потрошувачка 37.453,08 динари, додека просечната нето-заработувачка била 54.645 динари.
– Мнозинството граѓани имаат помали приходи од она што им е потребно да ги покријат животните потреби, па затоа им е потребна дополнителна работа. Ако се споредат цените во однос на минатата година, се забележува нивниот пораст, кој е повисок од порастот на платите. Така е со години. Освен тоа, многу граѓани се задолжени во банките заради купување на станови или автомобили. Нивната единствена плата не може да ги покрие и основните трошоци на живот и затоа се принудени да бараат дополнителна работа. Ова не е одлика само за Србија. На ист начин размислуваат и другите народи, дури и Американците – вели Владимир Гречиќ, професор по економија, во разговор за „Политика“.
Весникот ја пренесува изјавата на еден професионален фотограф, редовно вработен во еден портал во Белград. Неговата месечната плата е околу 48.000 динари и е под републичкиот просек. Од неа, една третина треба да издвои за режиски трошоци. Преку викенди фотографира на свадби и други свечености, а некогаш може да заработи и 200 евра во еден ден.
– Лицата со кои разговарав велат дека едната работа им е потребна за животни потреби, а другата да ги покријат трошоците за кредити или други вонредни потреби. Во Србија има и вработени кои не се доволно искористени на работното место, но се со помали приходи. Ова е главно онаа категорија луѓе кои работат по принципот колку плата толку и работа. Во групата лица со дополнителна работа се мајсторите и занаетчиите – вели Гречиќ.
Во агенциите за привремени вработувања велат дека т.н. парт-тајм работни места се ретки. Доколку некој е редовно вработен, најдобра опција за нив се прекувремените работи до максимум четири часа.
– Најчесто се нудат работни места со полно работно време од осум часа. Понудите за ангажирање од неколку часа се ретки и тоа се главно физички работи или разни промоции – велат од агенција за вработување во Белград.