Европскиот парламент ги повика властите на Босна и Херцеговина да продолжат со уставните, политичките и изборните реформи со цел да постигнат напредок во процесот на интеграција во ЕУ, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во извештајот во кој се оценува последниот напредок на Босна и Херцеговина кон членството во ЕУ, европратениците забележуваат дека од средината на 2017 година темпото на реформите поврзани со ЕУ значително е забавено, и покрај посветеноста на земјата да ја заврши својата реформска агенда.
Европратениците изразија загриженост околу општите избори на 7 октомври минатата година и за изборната кампања во која уште еднаш доминираше етно-националистичката реторика и се фокусираше на поделбите и прашања во врска со минатото, наместо предлози и решенија за секојдневните проблеми на граѓаните во земјата.
Европскиот парламент ја истакна потребата за брзо конституирање на Домот на народите на Федерацијата согласно одлуките на Уставниот суд на БиХ, потсетувајќи дека правилното функционирање на демократските институции е предуслов за унапредување на процесот за интеграција во ЕУ.
Покрај тоа, Европскиот парламент, потсетува на потребата земјата да спроведе уставни, политички и изборни реформи со цел да ја трансформира Босна и Херцеговина во целосно ефективна, оперативна и инклузивна држава врз основа на владеењето на правото.
ЕП ја повика делегацијата на Босна и Херцеговина, за конечно да го донесе деловникот на парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација на ЕУ и БиХ, што долго време е невозможно да се направи поради обидите за воведување етнички блокади во правила за гласање.
ЕП има забелешка на одлуката од 18 декември 2018 година на Централната изборна комисија за распределба на места во Претставничкиот дом на Федерацијата на народите и ги повикува сите политички актери за систематско справување со постојните законски дупки во изборниот закон на земјата.
ЕП и понатаму останува загрижен за раширената корупција и за јазот меѓу декларираната политичка волја за борба против корупцијата и недостигот на конкретни резултати.
Притоа се потсетува дека сите политички лидери и институции во БиХ имаат одговорност во објективната процена на настаните за време на војната, и се осудува секаква прослава на осудените за злосторства против човештвото;
ЕП жали поради непостоење напредок во областа на слободата на изразување и независноста на медиумите, истакнувајќи дека производството и емитувањето на радио и телевизиски содржини на сите официјални јазици на земјата може да придонесе за заштита на културната разновидност; и признава на крајот дека е постигнат напредок во економскиот развој и конкурентноста, но забележува дека земјата сè уште е во рана фаза на воспоставување функционална пазарна економија.
Европратениците истакнаа дека барањето на Босна и Херцеговина за членство е стратешки избор и ја одразува својата заложба за напредок на патот кон Унијата.
Извештајот подготвен од романскиот пратеник од редовите на народните партии Кристијан Дан Преда беше усвоен со 468 гласови, 123 беа против и 83 воздржани.