Логично е прашањето зашто во среднорочните визии за ЕУ и за Европа нема вистински интегралистички пристап кон Западен Балкан, кој де факто географски, историски, културолошки и на секој друг начин е неодвоив дел од цивилизацискиот простор за кој Фон дер Лејен говори
Театралниот говор за состојбата на Европската Унија, кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го одржа минатата среда на пленумот на Европскиот парламент, е второ нејзино обраќање од крајот на ноември 2019 година, кога е избрана на оваа висока позиција. Ни овој пат Западен Балкан не се најде меѓу најважните годишни приоритети на европските институции. Ништо невообичаено. Откако е воведен ваков формат на обраќање пред европските парламентарци во 2010 година, политиката на проширување и Западен Балкан отсекогаш биле идентификувани како едно од важните тематски подрачја во годишните планови на ЕК и на ЕП. Во практичното дејствување, проширувањето како една од стратегиските политики на Унијата не било ни меѓу првите-шест преокупации на европските институции во последните десет години.
Имајќи ги предвид концентрацијата и комплексноста на моменталните внатреевропски и глобални проблеми, не е тешко да се разбере дека актуелната пандемија и нејзините економски, здравствени и социјални последици, неуспехот на европската геополитика, плановите за создавање структурна заедничка одбрана, климатските катастрофи, миграцијата, тероризмот, прашањето за глобалното лидерство по неолибералниот дебакл во Авганистан, сѐ подлабокиот јаз меѓу поединечни членки во Унијата, заминувањето на Ангела Меркел, како активна модераторка на европската политика…, се крупни предизвици од кои не зависи само кредибилитетот туку можеби и иднината на Унијата.
Но ако во својот прв говор за состојбата на Унијата пред една година искрено мислеше дека „иднината на ЕУ ќе биде таква каква што ќе ја создадеме, а Европа таква каква што ја посакуваме“, логично е прашањето зашто во среднорочните визии за ЕУ и за Европа нема вистински интегралистички пристап кон Западен Балкан, кој де факто географски, историски, културолошки и на секој друг начин е неодвоив дел од цивилизацискиот простор за кој Фон дер Лејен говори.
Заедничкиот заклучок на многубројните посматрачи, аналитичари, поранешни и сегашни соучесници во создавањето на европската политика е дека Унијата се наоѓа во историски погрешен пат. За тоа говореа во средата и голем број европски пратеници, укажувајќи на робувањето на старите парадигми, на недостиг од лидерска храброст и на сѐ поголема внатрешна неслога за сите глобални прашања – од екологија и „зелен план“, феноменологија на миграцијата и создавање европски сили за заедничка одбрана, до политика на проширување.
Декларативно, значи Унијата е определена за проширување, бидејќи како што неодамна на Блед рече и самиот претседател на ЕП, Давид Сасоли, „без земјите од Западен Балкан нема ни мирна, стабилна, демократска и просперитетна Европа“. Проблемот се јавува во реализација на таквите определби, бидејќи сите земји-членки, па дури и европската „локомотива“ (Германија и Франција) немаат секогаш усогласени ставови за приемот на нови членки. Најголеми соочувања меѓу земјите-членки предизвикува дилемата околу „индивидуалниот“ или „колективниот“ пат кон Брисел, а збрка предизвика и расправа за роковите на потенцијалните проширувања, клучните услови и фаворитите за прием во Унијата. Некои земји-членки, како Германија, Унгарија, Грција, Романија и Бугарија, сметаат дека клучевите на регионалната сигурност и динамика на процесот на интеграција ги држи Србија. Како аргументи се наведува нејзината геостратегиска положба, должина и важност на нејзината северозападна граница со Унијата. Франција, Хрватска, Словенија, Австрија, Белгија и големите балтички земји предност им даваат на изворните критериуми за проширување од 1993 година, по кои пристапувањето во Унијата е реверзибилен процес, во кој и добрите и лошите чекори мора прецизно да се мерат и праведно да се валоризираат. Ако го нема ова, вината не би смеела да биде само на страната на земјите што претендираат, туку и на земјите-членки и нивните заеднички институции што управуваат со процесот.
Според словото на актуелната европска стратегија за проширувањето, чесна и строга условеност во сите фази на преговорите со земјите-кандидатки нема алтернатива, а секоја земја-кандидат или потенцијален кандидат мора да биде набљудувана поединечно, не во стадо. Според принципот на условеност, по фактот дека Црна Гора е членка на НАТО, но и по тоа што од вкупно 33 преговарачки поглавја лани го отворила и последното (Осмото поглавје за пазарна конкурентност), Црна Гора е далеку пред Србија и повеќето земји на Балканот, а следуваат Албанија и Македонија.
Во последниот говор на претседателката на Европската комисија за состојбата на Унијата во Западен Балкан, искажани се неколку мотивирачки реченици, во чиј фокус беа младите „што веруваат во иднината на Унијата“. Како и во првиот говор на овој формат од септември лани, Фон дер Лејен и овој пат го апострофираше „вложувањето во иднината на Западен Балкан како вложување во иднината на Унијата“. Најавувајќи нов пакет финансиска помош за балканските земји од 14,2 милијарди евра до 2027 година, претседателката на ЕК потврди дека на 28. и 29. овој месец ќе ги посети земјите од регионот, за на овој начин да ја покаже приврзаноста на Унијата кон политиката на проширување.
Пратениците во Европскиот парламент, меѓутоа, сметаат дека демократијата, човековите права и владеењето на законите не можат да се купат со пари. Нужни се реформи, а во Унијата на крајот мора да знаат, смета германскиот пратеник Јорг Меутхен, дека не е можно да се има „и пари и јаре“, туку да се знае што е од тоа поважно. Во текот на острата парламентарна расправа, од комисијата и Советот е побарано до крајот на својот мандат, конечно „да се премине од ветување на резултати“.
Авторот на колумната објавена на „Ал џезира“ е повеќегодишен дописник од Брисел, експерт за европска политика и за процесот на проширување на Европската Унија