Српските политичари не ги разбираат косовските Срби, тие не разбираат ни што би значела поделбата на Косово во пракса, ниту дека тоа ги зголемува можностите за конфликт, смета претседателот на српскиот Форум за етнички односи, Душан Јањиќ.
– Тоа не едноставна работа. Србите од северно Косово веќе ги имаат спакувано куферите. Тие многу добро знаат дека до конфликти доаѓа кога се делат теротории или кога тие се разменуваат – вели Јањиќ за белградскиот весник „Данас“.
Според него, реализацијата на желбата на српските власти за поделба или за размена на територии, воопшто не е реална.
– Тоа се само спинови. Размена или поделбата на територии води кон можност за војна, без разлика на наводните договори. И затоа, ниту САД, ниту ЕУ нема да се согласат со тоа. Ова не би го имале, доколку Србија и Косово и сите држави на Западниот Балкан се во НАТО. Бидејќи тоа не е случај, приказните за поделби и размени на територии се целосно невистинити – констатира Јањиќ.
Тој предупредува и на неодговорноста на српските власти и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ кога говорат за граници до Врање, окупација на северно Косово од страна на косовските власти и на слични изјави, кои, според него, предизвикуваат опасност и ништо добро не им носат на Србите во Косово.
– Ниту Приштина не е за тоа. Можеби порано постоеја одредени разговори за овие теми, но сега повеќе не постојат. САД не се за поделба. Од друга страна, Русија и Турција се за поделба. Турција ја застапува поделбата за да може да го отвори прашањето за статусот на Санџак, бидејќи таму има свои претензии – посочи познатиот аналитичар Душан Јањиќ за „Данас“.