Границите на Балканот секогаш се горлива тема, која овојпат беше распалена поради објава на Инстаграм на британската пејачка со потекло од Косово Дуа Липа. Таа прво бараше од компанијата „Епл“ на мапите на нивните уреди да бидат обележани границите на Косово и на Палестина, за потоа да објави фотографија со знамето на т.н. „голема Албанија“. На знамето беше прикажана територијата на т.н. Голема Албанија, со Косово, делови од Србија, Црна Гора, Грција и од Македонија. Во меѓувреме на Инстаграм се огласи и славната пејачка Рита Ора која се придружи кон барањето на Липа кон „Епл“.
Тоа поттикна жестока расправа на социјалните мрежи во која беа вклучени балканските народи, јавни личности, а беа покренати и петиции „за“ и „против“, како и апел за бојкотирање на музиката на популарната пејачка. Во дел од коментарите на социјалните мрежи потегот на пејачката беше опишана како „тероризам“, „нацистичка агенда“ и „пропаганда“.
На објавата на Дуа Липа реагираше и Обединета македонска дијаспора, наведувајќи дека „ширењето на ваквите националистички прикази не оди во полза на мирот на сите народи, туку предизвикува дополнителни поделби меѓу соседните држави“.
Експертот за Балканот, Флоријан Бибер, пак, ја оквалификува објавата на Липа како „глупав национализам“ на Твитер.
– Со ова се тврди дека една група има повеќе права бидејќи била тука порано, што не е кредибилно тврдење имајќи предвид дека нациите се модерни… Исто така сугерира дека мигрантите треба да бидат исклучени или вредат помалку. Ова тешко дека е порака вредна на некој што ја претставува способноста на дете на мигранти да успее – напиша Бибер на Твитер, додавајќи дека мапата „го претставува истиот вид на агресивен национализам како и секој друг“.
stu·pid nat·ion·alism, when you believe that your nation has more rights for being in a place longer than others (and share such maps). https://t.co/hxOFfSb3bv
— Florian Bieber (@fbieber) July 19, 2020
Од друга страна, оние што ја поддржуваат Липа наведуваат оти таа немала намера да шири омраза, туку да ги оспори тврдењата кои го негираат потеклото на Албанците на Балканот.
– Ав – тох – тон придавка (за жител на место) домороден наместо да потекнува од мигранти или колонисти – напиша 24-годишната пејачка, објаснувајќи ја паролата која е испишана на знамето. На знамето се и ликовите на Иса Болетини и Исмаил Џемаили, кои се сметаат за херои во албанската историја.
Липа која е родена во Лондон, каде што нејзините родители се преселија во 1992 година бегајќи од војните на просторот на поранешна Југославија, на социјалните мрежи редовно објавува содржина со поддршка на независноста на Косово. Пејачката заедно со нејзиното семејство во 2006 година се врати во Приштина, каде што живееше одреден период.
Таа минатата година соработуваше со УНИЦЕФ кога беше во тридневна посета во камп за бегалци во Бејрут, Либан. Липа, сепак, не е амбасадор на УНИЦЕФ, како што се тврдеше во јавноста. Ова го потврди организацијата на Обединетите нации.
– Ова е нешто лично за мене. Моите родители избегаа од регион разорен од војна и се обидоа да создадат нов живот на друго место. Секое од овие деца-бегалци има родители како моите кои се обиделе да ја донесат најдобрата одлука за нивните семејства – кажа тогаш Липа.
Една од најпопуларните пејачки на денешницата има два албума и е добитничка на две награди „греми“, три британски музички награди и две награди на „Ем-ти-ви“. Меѓу нејзините најпознати песни се „Be the One“, „IDGAF“, „New Rules“ i „One Kiss“. М.Ж.