Грчките власти имаат намера да вратат околу 500 висококвалификувани лица, кои би добивале високи плати од 3.000 евра што ќе се покриваат од државни фондови
Во Грција ќе почне реализација на пилот-проект со кој ќе се спречи процесот на „одлив на мозоци“. Според податоците на грчката Централна банка, 420 илјади високообразовани и млади Грци ги напуштиле своите домови во последните десет години поради големата финансиска криза што ја зафати оваа земја, пренесува „Тајмс“.
Во рамките на новата програма „Рибреин грис“, грчките власти имаат намера да убедат околу 500 висококвалификувани Грци на возраст меѓу 28 и 40 години, кои моментално работат во странство, да се вратат во татковината. На овие лица им се нудат добри позиции и минимална месечна плата од 3.000 евра (просечната плата во Грција во 2018 година била околу1.100 евра). Грција се соочува со голем дефицит на квалификувана работна сила, особено во ИТ-секторот, па затоа новата програма за враќање на младите кадри ќе биде повеќе насочена кон оние што имаат дипломи од информатичките науки.
Во првата година од вработувањето, две третини од платата на повратниците ќе покрива државата, како и со кофинансирање од ЕУ-фондовите. Остатокот од платата, или една третина, ќе надоместува работодавецот. Компаниите што ќе сакаат да учествуваат во оваа програма ќе се обврзат да ги задржат вработените на работа, по периодот на субвенционирање од една година. Фирмите ќе мора да ги задржат повратниците уште една година за истата плата, која ќе ја покриваат во целост.
Грчките власти очекуваат голем број локални компании да покажат заинтересираност за вработување талентирани економски емигранти.
– Нема сомневање дека грчките компании, кои сакаат да ги прошират своите потенцијали, нема да сакаат да ги задржат талентираните работници на подолг период откако ќе ги вработат – изјави Јанис Врутсис, грчкиот министер за труд.
Според пишувањата на грчките медиуми, новата мерка ќе предизвика голем револт меѓу младите лица што одлучиле да останат во Грција за време на финансиската криза. Тие, сега, работат на истите работни позиции за месечни плати што се под една илјада евра. Некои од домашните експерти ваквите мерки ги сметаат за дискриминаторски, пренесува „Јутарњи лист“.