Владата на Србија одобри еден милион евра од државниот буџет за помош на Патријаршијата на Српската православна црква, за да се покријат долговите за даноци и придонеси за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување за нејзините вработени.
Оваа одлука на српската влада е позитивен одговор на барањето на управната канцеларија на СПЦ. Одобрените државни средства ќе се сметаат како дотација на невладините организации. Во Србија не е непозната практиката, средствата од тековната буџетска резерва да им се префрли на организациите што не се државни.
Белградската патријаршија има стари долгови од деведесеттите години од минатиот век, кога црквата поради материјалната состојба не беше во можност да ги плаќа давачките кон државата. Неколку години, пензиското, инвалидското и здравственото осигурување за свештениците и верските службеници, не само на Српската православна црква, туку и за другите верски заедници, ги уплатуваат и од Управата за соработка со црквите и верските заедници во Министерството за правда. Така, лани за оваа намена биле уплатени 260 милиони динари. Истиот износ е предвиден и за годинава како дотации за организациите за задолжително социјално осигурување.
Посебна ставка во буџетот на оваа управа има за поддршка на работата на свештенството, монасите и верските службеници за што лани биле одвоени 62 милиони динари. За работа на свештенството на Косово лани биле издвоени дополнителни 63,5 милиони динари.